Почетокот на Пиволенд 2022 презакажан за 3 септември

Поради големото невреме што го зафати Скопје и околината и најавите за ново невреме во наредните денови, организацискиот тим на Пиволенд 2022 од безбедносни причини го презакажа почетокот на настанот за 3 септември.

Како што објавија на фејсбук страната на Пиволенд 2022, местото на настанот останува Плоштад Македонија, а новиот термин е од 3 до 7 септември.

Фестивалот годинава се одржува под мотото „Дојди, Види, Испиј!”, а се најавуваат повеќе од 100 видови на пиво како и настапи на над 50 музички артисти, поделени на две сцени – главна, каде ќе настапат познати домашни и балкански музички изведувачи и крафт, за љубителите на алтернативната музика и младите талентирани артисти.

Организаторите на Пиволенд 2022 најавуваат атрактивни сцени за артистите, богатата локална кујна, одличната музичка програма, голем број на забавни активности и очекуваат гости од целиот регион.

Премиерен настап на Пиволенд, како што е најавено, ќе има инклузивниот рок бенд „Сол Ночиво” во кој учество земаат млади од здружението „Во мојот свет” кое се грижи за помош и поддршка на лицата со аутистичен спектар, додека, на штандовите на градскиот плоштад посетителите ќе имаат можност да купат брендирана маица со Пиволенд 2022 и со тоа да донираат 100 денари за здружението „Во мојот свет”.

Годинашното издание на Пиволенд е во организација на Крафт продукција и Идеалаб, а со поддршка на Град Скопје.

Back to top button
Close