Почина актерот, поет, критичар и есеист Марко Петрушевски

Актерот и поет, филмски творец, критичар, есеист, радио водител, преведувач… Марко Петрушевски, починал пред неколку дена во Скопје, на 47 години. Веста за прераната смрт на еден од најинтересните и најнеобичните ликови во Скопје ја пренесе порталот „Окно“.

Петрушевски беше истакнат детски актер, познат по улогите во сериите на ТВ Скопје „Бушава абука“, „Втората смена“ и „До-ре-ми“… Подоцна тој дипломирал на Драмскиот факултет во Скопје, а го завршил и Филолошки факултет, на отсекот за Општа и компаративна книжевност. Магистерскиот труд го одбранил по постдипломските студии по фолклористика, на тема „Психоаналитичката фолклористика на Алан Дандес“.

Марко Петрушевски во сцена од серијата „Втората смена“ / ТВ Скопје (1988) / Јутјуб/принтскрин

Петрушевски во 2001 година ја објавува збирката поезија „Еден млад збунет човек“ и ја добива наградата за дебитантска поетска книга на Струшките вечери на поезијата. Пишувал за списанието „Маргина“. Кратки раскази и записи објавувал на порталот „Окно“. Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

Фото: Небојша Гелевски / Окно.мк

За Темплум ги приредил и превел (заедно со Владимир Јанковски) расказите на Чарлс Буковски, во книгата „Љубов за 17,5 долари“ (едиција Магма, 2004).
Снимил и неколку кратки филмови (Понеделник, Телефонска секретарка…). Работел во филмското студио „Ед Вуд“, снимал видеа и скечеви. Пишувал филмска критика, главно во месечникот „Форум“. Петрушевски работел и како водител во радиото „Канал 103“.

 

Back to top button
Close