Почина Бенјамин Ференц, последниот преживеан обвинител од Нирнбершкиот процес

Бенџамин Ференц, последниот жив обвинител од судењата во Нирнберг, почина на 103-годишна возраст. На 27-годишна возраст, тој беше одговорен за осудувањето на 22 нацистички офицери.

Ференц почина на 7 април во градот Бојнтон Бич во американската сојузна држава Флорида. Американскиот музеј на холокаустот потврди дека тој починал и соопшти дека светот изгубил голем борец за правда за жртвите на геноцидот.

Роден е во 1920 година во Трансилванија, Романија, но неговото семејство мигрирало во Њујорк за да избега од антисемитизмот. По дипломирањето на престижниот универзитет Харвард со диплома по право, тој стана припадник на американската армија. Учествувал во слетувањето на сојузничките војници во Нормандија и во битката кај Булџ.

Тој го доби чинот наредник, а потоа се приклучи на тимот што ги истражува нацистичките злосторства. Истражниот тим отишол во логорите, ги евидентирал условите во нив и разговарал со преживеаните затвореници во логорот.

Ференц зборуваше за тоа како пронашле натрупани тела и беспомошни затвореници со дизентерија, тифус, туберкулоза, пневмонија и други болести. Тој го опиша, еден од најголемите германски концентрациони логори, Бухенвалд, како костурница на неопислив ужас.

„Нема сомнеж дека бев неизбришливо трауматизиран од моето искуство како иследник за воени злосторства во нацистичките логори за истребување. Сè уште се трудам да не зборувам или размислувам за деталите“, рече тој еднаш.

По Втората светска војна се вратил во Њујорк за да практикува адвокатура. Наскоро бил повикан да помогне во гонењето на нацистите во Нирнбершкиот процес.

Тој беше главен обвинител на судењето на членовите на СС одредите кои дејствуваа во Источна Европа. Се проценува дека нацистите убиле повеќе од милион луѓе во овој дел од континентот.

Од судените 22 лица, сите беа осудени, од кои 13 беа осудени на смрт, додека четворица беа егзекутирани.

По судењето, Ференц, кој течно говорел шест јазици, вклучувајќи го и германскиот, останал во Западна Германија за да им помогне на Евреите да добијат репарации.

Тој стана професор по меѓународно право и водеше кампања за формирање на меѓународен суд за гонење на државните водачи кои извршиле воени злосторства. Напишал неколку книги на оваа тема. Меѓународниот кривичен суд е основан во 2002 година во Хаг, иако неговата јурисдикција е ограничена бидејќи не е призната од некои големи земји, вклучително и САД.

Ференц има син и три ќерки. Неговата сопруга Гертруда Фрид почина во 2019 година, јавува Би-Би-Си.

Back to top button
Close