Почина д-р Кочо Серафимов – редовен професор на Мадицинскиот факултет во пензија

На ден 24 мај 2021 година, на 99-годишна возраст почина проф. д-р Кочо Серафимов,  редовен  професор  во пензија од областа дигестивна хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје, доајен на дигестивната хирургија во нашата земја и учител на многу генерации доктори.

Докторирал на Медицинскиот факултет во Белград, а се усовршувал во Лион (1959/1960), Минхен (1966/1967), Лондон (1978) и Осло (1982). Од 1977 година е редовен професор на Мадицинскиот факултет. Бил директор на Клиниката за дигестивна хирургија од 1975 до 1987. Бил главен и одговорен уредник на „Акта Хирургика Југославика“ од 1971 до 1987.

Објавил над 220 научни трудови, повеќе научно-стручни коавторски публикации  и единствена монографија за хирургијата на жолчното ќесе. Добитник е на повеќе лекарски и општествени признанија меѓу кои Хипократовата плакета на Сојузот на лекари на СФРЈ (1987) и Орден за заслуги со златен венец (1988) за врвен придонес во развојот на дигестивната хирургија.

„Проф. Серафимов безрезервно ги пренесуваше своите знаења и искуства на студентите, особено специјализантите. Неговата исклучителна ерудиција и интелектуалност, секогаш дополнета со луцидна духовитос, целосна посветеност на хирургијата и наставата, срдечната комуникација со колегите, се карактеристики кои, неговите следбеници долго ќе ги паметат и ќе бидат овековечени во нивните спомени.    Медицинскиот факултет засегогаш ќе му остане благодарен на проф. д-р Кочо Серафимов за сé што творел и сé што направил преку својата самопрегорна работа и посветеност на факултетот, преку студентите, специјализантите, магистрaнтите и докторандите. Тешко е да се прифати фактот дека го нема повеќе меѓу нас но, неговиот исклучителен дух ќе продолжи да живее во нас преку спомените, преку љубовта и сеќавањата, преку пиететот кои ги носиме за нашиот сакан и почитуван професор, колега и драг пријател“, се вели во комеморативното обраќање на Медицинскиот факултет одржано на 27 мај 2021 година.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close