Пoчина Димитар Масевски – историчар, општественик, писател и хроничар на Куманово

IN MEMORIAM
Колку и да сме решени да сме посилни од се и над се, животот и смртта не демантираат со својата бруталност, неминовност и конечност…
Туку што ја примив тажната вест дека уште еден значаен деец, општественик, писател и хроничар на Куманово, историчарот Димитар Масевски не напуштил засекогаш.
Во аналите на кумановската историја ќе остане забележан како директор на Историскиот архив во два мандата, а потоа како долгогодишен директор и главен и одговорен уредник на НРИО ” Наш весник” од која излегуваше неделникот ” Наш весник” , во етерот одеше Радио Куманово, а од 1994 година и Телевизија Куманово. Речиси дваесет години беше издавач и главен и одговорен уредник на списанието ” Корени”. Заедно со својот колега Миодраг Арсовски- Болто беше коавтор на две репрезентативни монографии за Куманово во 1996 и 2004 година. Самостојно подготви и објави уште две монографии за Куманово, од кои последната, по повод 500 Години Куманово и во електронско издание.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои два пати и на највисокото општинско признание, Ноемвриската награда на Куманово.
Димитар Масевски ќе остане забележан како неуморе хроничар на растот и подемот на градот и Општината Куманово и сите позначајни општествени, политички, културни, спортски и стопански збиднувања во Куманово и Кумановско низ децениите на назад.
Упатувам изрази на најдлабоко сочувство до членовите на неговото семејство и огромна почит и признание за се’ што направи за Општина Куманово и што сочува речиси цел еден нејзин век од заборав.
Како некогашен негов главен уредник на Младинската редакција на НРИО ” Наш весник, сакам да искажам особена благодарност за драгоцените поуки од новинарството, маркетингот, а понатаму и во политиката кои ги стекнав во годините на успешна соработка со него. Во нашиот последен разговор, ми порача дека во последното издание на Монографијата за Куманово се застапени тројца од четворицата членови на семејството Мургашански и дека за некоја година очекува да пишува и за четвртиот, најмладиот.
Драг колега и уреднику Димитар Масевски, се надевам дека тоа и уште многу други хроничарски записи, ќе остане аманет за твоите следбеници и наследници!
Нека ти е вечна слава и мирен патот во вечноста…
Атина Мургашанска,
Претседателка на Советот на Општина Куманово

Back to top button
Close