Почина клучниот сведок на „Сараево сафари“ Славко Алексиќ

Британски Тајмс објави дека ненадејно починал клучниот сведок на „Сараево сафари”, Славко Алексиќ, поранешен водач на српска паравоена формација и самопрогласен четнички војвода.
Тој починал на 69 годишна возраст, без претходни здравствени проблеми. Неговата смрт се совпаѓа со времето кога во Италија е отворена нова истрага за таканаречениот „Сараево сафари“, обвиненија дека за време на војната во 1990 тите, богати странски државјани плаќале за да пукаат врз цивили во опколеното Сараево.
Кон крајот на ноември, Алексиќ дал интервју за српска телевизија во кое тврдел дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, немал никаква поврзаност со снајперските дејства за време на опсадата на Сараево, демантирајќи ги претходните јавни обвинувања на таа тема.
Според Тајмс Алексиќ за време на опсадата ја контролирал зоната околу Еврејските гробишта над Сараево, една од најпознатите снајперски позиции од кои градот бил систематски гранатиран и гаѓан. Српскиот адвокат Чедомир Стојковиќ изјавил дека Алексиќ бил исклучително важен сведок затоа што можел да открие кој пукал и кој ја организирал целата мрежа.Истрагата во Италија е покрената по кривична пријава поднесена од италијанскиот новинар и писател Ецио Гавацени, кој тврди дека посетителите плаќале од 70.000 до 88.000 фунти за пристап до снајперски позиции за време на војната.






