Почина легендарниот бразилски кошаркар Оскар Шмит

Прославениот бразилски кошаркар и член на Куќата на славните, Оскар Шмит, почина во петокот на 69-годишна возраст по долго боледување.
Семејството во соопштението наведе дека Шмит 15 години се борел со тумор на мозокот „храбро, со достоинство и упорност, останувајќи модел на решителност, великодушност и љубов кон животот“.
Иако никогаш не заигра во НБА, легендарниот Шмит имаше статус на кошаркарска икона во родниот Бразил поради пожртвуваноста во националниот дрес.
Професионална кариера ја почна во 1974 година, настапувајќи за бразилски и италијански клубови.
Со репрезентацијата на Бразил настапи на пет последователни Олимписки игри од 1980 до 1996 година, поставувајќи рекорд според бројот на постигнати кошеви.
Шмит беше и клучен играч во победата на Бразил над САД во финалето на Панамериканските игри во 1987 година.
Воедно, Шмит е најдобриот стрелец во историјата на Олимписките игри со повеќе од 1.000 поени, а беше прогласен за најдобар стрелец на Олимписките турнири во 1988, 1992 и 1996 година.
Шмит сè уште го држи рекордот за постигнати поени во еден олимписки натпревар (55 поени против Шпанија во 1988 година), како и рекордот на Светското првенство (52 поени против Австралија во 1990 година).
Влезе во Куќата на славните во 2010 година, додека седум години подоцна беше примен и во италијанската Куќа на славните.
По завршувањето на 32-годишната професионална кариерата, Шмит стана мотивациски говорник. Често зборуваше за својата борба со тумор на мозокот, како и за својата љубов кон Бразил и кошарката.






