Почина поетот, писател и преведувач Тихомир Јанчовски

 

На 58-годишна возраст почина современиот македонски книжевник, писател и поет, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски, соопшти неговото семејство на социјалните мрежи.

Роден во 1967 во Скопје, Јанчовски дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ во 2010 година.

Јанчовски беше еден од најоригиналните, но и меѓу најплодните современи македонски книжевници. Тој во 2024 година одбележа 25 години творештво, во кое остави над триесет објавени книги, главно збирки поезија, но и романи, аудиокниги и дела поврзани со историјата. Тој со години го обликуваше јавниот дијалог преку своите колумни во печатот, а во наследство на идните генерации остави и мноштво книжевни преводи.

Цела една генерација вљубеници во книжевноста, но и во уметноста воопшто, ќе се сеќаваат на сестраните проекти на Јанчовски, во кои на единствен начин се испреплетуваа музиката, визуелното и рецитирањето. Таков беше поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“, кој го создаде со Бранислав Николов.

Избори од поезијата на Јанчовски се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, неговите дела се во голем број антологии и се преведени на петнаесетина светски јазици.

 

Back to top button
Close