Почина поранешниот фински претседател и нобеловец Марти Ахтисари

Поранешниот фински претседател и познат дипломат Марти Ахтисари утрово почина во 06:40 часот во Хелсинки, информираат од Кабинетот на претседателот на Финска. Поранешниот претседател Ахтисари имал 86 години кога починал, пренесуваат финските медиуми.

Марти Оива Калеви Ахтисари бил претседател на Финска од 1994 до 2000 година. Тој бил десеттиот претседател на Финска. Пред неговото претседателствување, тој имал неколку важни функции во Министерството за надворешни работи на Финска и во Обединетите нации. На Балканот му е познат по неговата улога како специјален пратеник на Обединетите Нации за статусот на Косово.

По неговото претседателствување, Ахтисари ја основал почитуваната мировна организација за посредување ЦМИ – Марти Ахтисари Мировната фондација и работел во меѓународни мировни преговарачки задачи и задачи за посредување. Како признание за неговата долгогодишна работа за мир, на претседателот Ахтисари му била доделена Нобеловата награда за мир во 2008 година.

„Длабоко сме погодени со веста што ја примивме за смртта на претседателот Марти Ахтисари. Марти Ахтисари веруваше во луѓето, цивилизацијата и добрината и живееше одличен, извонреден живот. Тој беше претседател на времињата на промени, кој ја одведе Финска во глобалната ера на ЕУ“, вели претседателот на Финска, Саули Ниинисто во соопштението за медиумите.

 

Back to top button
Close