Почина познатиот македонски поп пејач и музичар Владо Јаневски

Македонската музичка сцена вечерва изгуби едно од своите најголеми и најпрепознатливи имиња. По кратко боледување, на 66-годишна возраст на скопска клиника почина познатиот музичар и пејач Владо Јаневски- Чаирскиот романтичар.

Јаневски зад себе остава богата музичка кариера со безброј хитови кои ја одбележаа македонската поп-музика во изминатите неколку децении.

Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.

Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност, а во текот на кариерата бил член на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Покрај пеењето, свирел клавир, гитара и тапани.

Во 1998 година Владо Јаневски стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија, каде што во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.

Во текот на кариерата настапуваше на бројни домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои Југовизија во Белград, „Славјански базар“ во Белорусија, како и фестивали во Турција, Ирска и Египет.

Зад себе остави шест студиски албуми: „Парче душа“ (1993), „Сѐ најдобро“ (1996), „Далеку е небото“ (1996), „Има нешто посилно од сѐ“ (2002), „Ваков или таков“ (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“ (2006).

Со неговата смрт, македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливи автори и изведувачи, чии песни повеќе од три децении се дел од домашната музичка ризница.

 

Тој важеше за еден од најдобрите кантавтори и вокалисти на овие простори, чии рефрени се пеат од многу генерации.

 

Back to top button
Close