Почина Ратка Димитрова, пратеничка од првиот состав на собранието

Почина Ратка Димитрова, виолинистка и пратеничка од првиот состав на Собранието, пoтврди семејството. Имаше 80 години.

Димитрова беше координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот од 1991-1994 година. Имаше богата кариера како виолинистка со бројни концерти во Македонија и низ светот, а беше и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Родена е во Скопје. Дипломирала на Факултетот за музика во Љубљана, магистрирала на Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“ во Москва.

Таа е мајка на досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров и сопруга на ексминистерот за култура и професор Димитар Димитров.

За многумина, сликата за прогласувањето независна Македонија е врзана со Димитрова, како го води орото што се играше пред Собрание на 8 септември 1991 ноќта, кога излегоа резултатите од референдумот за осамостојување. За тоа како ја памети таа вечер Димитрова во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК по повод 25-годишнината од осамостојувањето на Македонија објавено на 6 септември 2016, меѓу другото кажа:

„На свеченоста во кристалната сала, нè изненадија тапани и зурли, не турбо-фолк туку автентични мајстори на својот занает. Нè дигнаа сите на нозе и спонтано се фативме за оро. Сакајќи да се радуваме сите заедно, играјќи по скалите, полека излеговме пред Собрание. Тамy нè пречека спонтано насобраниот народ – тие години никој никого не присилуваше на собирање ! Како што мавтав со една салфетка со десната рака, некој од грбот ми го даде државното знаме. Веејќи го продолживме да играме. Орото стана огромно! Не ја чувствувавме земјата под нозе“.

Back to top button
Close