Почина режисерот Мика Алексиќ, обвинет за силување ученички во неговата школа за глума
Српскиот режисер Мирослав Мика Алексиќ почина вчера, 18 јануари, во Белград, на 73-годишна возраст.

Против Алексиќ во изминатите години се водеше кривична постапка поради сомнение за силување и сексуално злоставување на неколку ученички во неговата школа за глума, случај кој предизвика силни реакции во јавноста и отвори поширока дебата за злоупотребите во културниот и образовниот сектор. Судскиот процес беше во тек во моментот на неговата смрт, а пресуда не беше донесена.
Во последниот период, судењата беа повеќепати одложувани поради неговата тешка здравствена состојба. Неговиот бранител информираше дека здравјето значително му се влошило, дека немал сила да зборува и дека комуникацијата со адвокатите се одвивала преку неговата сопруга. Во ноември 2025 година, судската постапка беше одложена на неодредено време токму поради неговата здравствена состојба.
Првата пријава против Алексиќ ја поднесе актерката Милена Радуловиќ, по што истото го направи и нејзината колешка Ива Илинчиќ. По нивните искази, на полицијата и обвинителството им се јавија и други девојки. Алексиќ беше уапсен во јануари 2021 година и околу осум месеци помина во притвор, по што му беше определен куќен притвор со електронски надзор. Во март 2022 година и таа мерка беше укината и тој се бранеше од слобода.
Мирослав Мика Алексиќ е роден на 5 февруари 1952 година во Белград. Дипломирал филмска режија на Факултетот за драмски уметности, а од 1980 година бил уметнички раководител на Драмското студио на телевизија Белград, односно радио-телевизија Србија. Во текот на кариерата режирал документарни филмови, радиодрами, телевизиски емисии и серии, како и играни и телевизиски филмови, а важеше и за еден од највлијателните драмски педагози, кај кого своите први чекори ги направиле бројни истакнати актери од српската сцена (nezavisen.mk)






