Почина српскиот режисер Здравко Шотра
Еден од најпознатите регионални режисери, Здравко Шотра, почина на 93 години во Белград. Шотра има опус од над 120 филмски и телевизиски дела што беа популарни кај пошироката публика.
Роден е на 13 февруари 1933 година во Кожице во близина на Столац. Откако дипломирал режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград во 1954 во класата на професорот Вјекослав Африќ, бил дел од Телевизија Белград од нејзиното основање во 1958. Таму го поминал поголемиот дел од својата кариера, сè д0 2001. Веќе во 1970-тите, постигнал огромен успех со популарната емисија „Образ до образ“ чии водители биле ѕвездите Милена Дравиќ и Драган Николиќ, за која бил награден со Гран при на телевизискиот фестивал во Порторож во 1973.
По големиот успех на филмот „Повеќе од игра“ (1976), веќе следната година снимил истоимена серија која постигнала огромна гледаност и култен статус. Истиот модел го применил и со филмот „Шеста брзина“ (1981) со Зоран Радмиловиќ во главната улога. Во период на големи општествени турбуленции и распад на поранешната држава, Шотра не се срамел да се занимава со сложени и чувствителни теми. Неговите филмови од крајот на 1980-тите, како што се „Браќа по мајка“ од 1988 и историскиот спектакл „Битката на Косово“ од 1989, испратиле силни пораки за трагичните последици од поделбата и историските товари.
Преминот во новиот милениум означи нова, златна ера во кариерата на Шотра, во која тој повторно ги сруши сите рекорди на гледаност во кино салите. Комедијата „Лаење на ѕвездите“ од 1998, базирана на романот на Милован Витезовиќ, стана генерациски класик чии цитати се прераскажуваат и денес, а се одликува со фактот дека не содржи никакви пцовки.
Доживеа апсолутен триумф во 2002 со филмот „Зона Замфирова“, екранизација на делото на Стеван Сремац, а успехот продолжи со „Ивковата слава“ уште една филмска адаптација на Сремац, потврдувајќи се како мајстор за адаптација на литературни дела што ги слават менталитетот, хуморот и топлината на луѓето од овој регион.
Креативниот дух на Шотра не опадна ниту во подоцнежните години. Тој успешно ги адаптираше и романтичните романи на Мир-Јам снимајќи ги исклучително популарните серии „Ранетиот орел“, „Гревот на нејзината мајка“ и „Непобедливо срце“.