Почина Владимир Глигоров, син на претседателот Киро Глигоров

На 78-годишна возраст денеска во Виена ненадејно почина познатиот економист и политиколог Владимир Глигоров, син на Киро Глигоров, првиот претседател на Република Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Глигоров е роден во Белград каде ги завршил основните и магистерските студии, а докторирал во 1977 година на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.

Работел на Универзитетот во Белград, на Институтот за економски науки, а од 1994 година беше вработен на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде најмногу се занимавал со Западен Балкан, особено со Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

Во своите истражувања особено се занимаваше со долгорочниот раст на земјите во транзиција, макроекономските анализи и финансиските пазари.

Глигоров беше постојан соработник на „Oксфорд аналитика“, меѓународна консултантска фирма која обезбедува стратешка анализа на светските настани, пишуваше за „Wall Street Journal“ и имаше редовни колумни во неколку дневни весници и неделници во Југоисточна Европа. 

Back to top button
Close