Почина Жан-Лук Годар

Вeќe легендарниот француски режисер, сценарист и филмски критичар Жан-Лук Годар почина на 92-годишна возраст во својот дом во Рол, Швајцарија.

Годар ја одбележа европската и светската филмска уметност на повеќе начини – беше еден од основачите и најзначајните претставници на францускиот тн. Нов бран и негов најрадикален претставник. За Годар и за целата генерација на која ѝ припаѓаат великаните Франсоа Трифо, Клод Шаброл, Жак Риве – филмот беше најзначајниот феномен во уметноста… За нив, „филмот е сè, и сè се врти околу филмот“, како што самиот Годар рече во една прилика.

Во неговите ремек-дела, што ги создаде особено во 60-тите и 70-тите, спаѓаат – „До последниот ден“, кој му ги претстави Жан Пол Белмондо и Жан Себер на светот, „Жена е жена“, „Живеј го својот живот“, „Малиот војник“, „Карабињери“, „Презир“ (заснован на истоимениот роман на Алберто Моравија, со Брижит Бардо во главната улога), „Лудиот Пјеро“ и многу други остварувања што влегоа во светските филмски антологии.

Во тие две десетлетија беше оженет со своите музи – глумиците Ана Карина и Ан Вјажемски. Од 1978-9, по вториот негов развод, вонбрачно живееше со глумицата, писателка и режисерка Ан-Мари Мјевил, сѐ до неговата смрт.

Покрај тоа, неговото дело силно влијаело на подоцнежните филмаџии како Пјер Паоло Пазолини, Бернардо Бертолучи, Мартин Скорсезе, Квентин Тарантино, Стивен Содерберг, Роберт Алтман, Вим Вендерс, Џим Џармуш, Вонг Кар Вај…

 

Годар радикално ги изразуваше своите егзистенцијалистички и политички ставови, критикувајќи ја и холивудската филмска индустрија и бирократските системи кои често ги задушуваат граѓанските слободи во име на демократијата, потоа – репресивните режими, па и капитализмот, што понекогаш „прави робови од луѓето“… Во неговите филмови, јавни настапи и текстови објавени во највлијателните филмски списанија, Годар смело и бескомпромисно ги отвораше овие табу-теми, па со десетлетија важеше за еден од јавно најангажираните интелектуалци.

Back to top button
Close