Почна 11. фестивал на креативен документарен филм „Македокс“

– Под мотото „Слеј се со тишината“ синоќа почна единаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Оваа година фестивалот има хибридно издание, односно има фестивал во живо, но и онлајн, кој ќе може да го проследи публиката од цела држава.

Во летното кино на Кинотеката се одржаа проекцијата на краткиот документарен филм „Бинокл“ на Мила Жлутенко и долгометражниот документарец „Зборувај за да те видам“ на Маја Стојниќ. Во Парк МКЦ беше прикажан краткиот документарец „Премин“ на Отавио Алмеида, додека проекцијата на „Спиењето на Макс Рихтер“ на Натали Џонс беше прекината поради временските услови.

– Публиката беше подготвена да гледа филм и на дожд, но техниката едноставно не може да функционира во такви услови. Фестивалот нема можности за реприза на филмовите, бидејќи годинава функционира без објектот Куршумли ан, и затоа филмот ќе може да се гледа онлајн на платформата „Синесквер“, на која посетителите треба да се регистрираат и да креираат свој профил преку сајтот на „Македокс“, соопштија организаторите.

Вториот фестивалски ден, како што посочуваат, носи двојна програма, а ќе бидат прикажани вкупно осум, четири кратки и четири долгометражни филмови на двете локации. Со филмот „Кога прашината ќе слегне“ на Џон Апел почнува програмата Земја во фокус – Холандија, во чии рамки ќе бидат прикажани уште шест филмови.

– Моите филмови ги градам врз основа на темелно истражување и интуиција. Дури истражувам, не барам само факти, туку ја барам и ранливоста на луѓето, тоа е таканареченото емотивно истражување, вели режисерот и снимател Џон Апел, кој зад себе има повеќе од 40 документарни остварувања за кино и телевизија. Во 1999 година неговиот „Андре Хазес – таа верува во мене“ не само што го отвори Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Амстердам (ИДФА), туку и се закити со наградата за најдобар долгометражен документарец, по што станува најгледаниот документарен филм во Холандија во последните шеесетина години.

Филмографијата на Апел брои низа наградувани филмови: „Последната победа“ (2003), „Коцкар“ (2009), „Погрешно време, погрешно место“ (2012), „Гласот на Холанд“ (2018) и „Кога прашината ќе слегне“ (2019). Сите носат приказни за обични луѓе и осамени херои, за меланхолијата, спомените, смртта и утехата што го бојат секојдневниот живот.

На годинашниот „Македокс“ Џон Апел ќе одржи мастерклас на 22 август, од 11 до 13 часот, кој ќе се одвива онлајн и ќе може да се проследи преку платформата „Зум“.

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.

Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.

Медиумски покровители на Македокс 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и ПопАп.

Билети за проекциите во он-лајн продажба може да се набават преку мрежата mktickets.mk.

Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19: задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан, мерење температура при влезот во фестивалските простори, одржување на растојание од еден ипол до два метра и дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.

Back to top button
Close