Почна европската „Сезона на филмски класици“

– „Сезона на филмски класици“ е проектот на Европската асоцијација на кинотеки во кој учествува и Кинотеката на Република Северна Македонија. На 5 месецов ќе се одржи втората проекција од овој проект, кога Филмотеката на Валенсија ќе го прикаже немиот филм Санз и тајните на неговата уметност на својот јутјуб канал.

Првата проекција во рамки на проектот се одржа во декември 2020 година, кога Југословенската кинотека  на својот јутјуб канал – го прикажа немиот филм Грешница без грев.

Кинотеката на Македонија учествува во овој проект со новите дигитално реставрирани копии на играните филмови  Фросина и Мирно лето.

Како што соопштија од Кинотеката, двете дигитални копии ќе бидат првпат прикажани во јуни годинава – во летното кино на Кинотеката, со што проектот „Сезона на филмски класици“ ќе финишира. 

Истовремено, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на првата македонска комедија МИРНО ЛЕТО, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-ите години, „современици“ на дејствието на филмот.

Според организаторите, целта на оваа иницијатива, координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки / Association des Cinematheques Europeennes) и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува „филмска класика“.

Сите проекции во рамките на „Сезоната на класици“ се бесплатни.

Back to top button
Close