Почна селекцијата на пластичниот отпад од земјоделството во источниот регион
Општина Чешиново-Облешево е првата општина во источниот регион во која почна собирањето и селекцијата на пластичниот отпад од земјоделството, како дел од проектот што партнерски го реализираат локалната самоуправа и здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко тим исток“ од Кочани.
На пет локации во близина на земјоделските површини во општината се поставени наменски и посебно означени контејнери за пластична амбалажа и друг пластичен отпад од земјоделското производство.
– Со проектот „Селектирај пластичен отпад од земјоделството и дај свој придонес за борба против климатските промени“ општина Чешиново-Облешево активно се вклучува во борбата против климатските промени, а добива едуцирана заедница со зголемена свест и ресурси за постигнување на чиста и здрава околина. Локалните самоуправи имаат важна улога во борбата со климатските промени, а месното население мора да учествува во носењето одлуки од оваа тема. Поставените садови за селекција се одлична можност за земјоделците да покажат на дело колку им значи чистата и здрава почва за производство на храна. Како дополнителна превентивна мерка ќе им поделиме маски, ракавици и друга заштитна опрема, како и информативен материјал за целта на проектот, истакна Ирена Мирчовска, координаторка на проектот.
Подигањето, транспортот и обработката на пластичниот отпад од собирните места, како и неговото понатамошно предавање за рециклирање ќе го спроведува компанијата „Екопроект-Ко“ од Кочани, а се очекува за почеток да биде собран минимум еден тон пластична амбалажа и друг отпад од земјоделството.
По успешното спроведување во Чешиново-Облешево, наскоро проектот ќе почне да се имплементира и во општините Зрновци и Кочани.
Проектот на здружението „Еко тим исток“ е дел од шемата за регрантирање „Да зборуваме за климатските промени“ што во сите шест плански региони во државата го спроведуваат здружението „Еко-свест“, Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP Македонија) и Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ), а е финансиран од фондовите на Европската Унија.