Почна со работа мега центарот за вакцинација на грчкиот остров Родос
– Од денеска започнува со работа мега центарот за вакцинација на грчкиот остров Родос сместен во спортска сала, а со капацитет од 24 пунктови, во рамките на програмата за имунизација на сите острови, односно т.н. операција „Сина слобода“ што се очекува да заврши до крајот на јуни, јави дописничката на МИА од Атина.
Во саботата, мега центарот на Родос го посетија заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас и генералниот секретар од Министерството за здравство Мариос Темистоклеус.
Хардаљас рече дека вакцинацијата на Родос директно е поврзана со туризмот, а Владата сака да бидат безбедни и оние кои ги пречекуваат туристите, но и самите туристи, додека пак Темистоклеус истакна дека веќе се спроведени неколку илјади вакцинации на 19 острови на кои е во тек имунизацијата.