Почна со работа стационарот за бездомни кучиња во Струмица

 Во Струмица денеска почна со работа стационарот за бездомни кучиња со кој управува ЈП „Лана“. Стационарот располага со вкупно 58 легла-боксови, каде ќе работат двајца ветеринарни лекари, тројца ветеринарни техничари, двајца заловувачи и тројца одгледувачи.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, процесот на иницијален третман на околу 500 бездомни кучиња од градот и населените места на Општина Струмица започнува веднаш, а во текот на следните 2-3 месеци, во соработка со Факултетот по Ветеринарна медицина, Сектор за благосостојба и Агенцијата за Храна и Ветеринарство е планирано броење на сите бездомни кучиња во Општината.

-Со пуштањето во употреба на Стационарот „Лана“ практично почнуваме со решавање на еден од најголемите проблеми на струмичани, а тоа се бездомните кучиња- скитници за кои имавме многу несакани ситуации, каснување на луѓе и во неколку случаи на деца. Додека во државата одредени општини декларативно се занимаваат со овој проблем, ние суштински и системски го решаваме и од денес општина Струмица е единствената општина во државата со свој сопствен стационар за бездомни кучиња. Јас ги уверувам граѓаните дека стационарот ќе ги дава посакуваните резултати и на крај мора да нотирам дека особено ме радува фактот што веќе ги имаме и првите семејства, граѓани коишто сакаат да вдомат кучиња, рече Костадинов.

Директорката на „Лана“, Сузана Стојкова, истакна дека во стационарот бездомните кучиња ќе бидат згрижени, но објектот е и место за едукација и средби на љубителите на животни, но и место каде ќе се разговара за правата на животните и ќе се учи како да се покаже благодарноста кон кучињата.

Изградбата на Стационарот за бездомни кучиња чини 7 милиони денари кои се обезбедени од општинскиот буџет, а проектот го подготви и реализираше Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. За функционирање на Стационарот Општината предвидува 4,5 милиони денари годишно, но и самиот ќе обезбедува средства преку заловување и третман на кучињата од општините Босилово и Ново Село.

Инаку, со оперативниот план за работа на Јавното претпријатие за заловување бездомни кучиња “Стационар Лана – Струмица“ во период од 2 години е предвиден целосен третман на целокупниот број бездомни кучиња заедно со новородените и новодојдените на територијата на Општина Струмица.

Back to top button
Close