Почна судењето против Латас и Лазаров, двајцата рекоа дека не се чувствуваат виновни

Новинарот Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото, посочувајќи дека обвинението било тендензиозно.

„Не се чувствувам виновен за поднесеното обвинение бидејќи сметам дека е тенденциозно, под притисок на мала група луѓе кои себе се дефинираат како јавност, во соработка со директорот на јавната полиција, односно Бирото за јавна безбедност и премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со претходно спомнатите, однапред, и пред да се донесе обвинението, обвинија и јавно пресудија“рече Латас.

И Латас и Лазаров сметаат дека двете минути од емисијата кои се наведени во обвинението се извадени од контекст.

„Самите две минути, според мене, се извадени од контекст. Сметам дека треба да се помине целата емисија за да се увиди мотивот на гостинот. Искажан став не значи и искажана ситуација која што се случила некогаш во неговиот живот, а моето смеење на истата не значи дека оправдувам и промовирам насилство врз жени“рече Лазаров.

Рочиштето продолжи со изведување на докази од Обвинителството при што беше изведен делот од подкастот на кој обвинителството го темели обвинението.

Според обвинетиот Латас, овој доказ не е целосен бидејќи недостасува целата емисија во која се состои контекстот.

Како што рече, обвинителот не може да оценува и проценува што е смеење.

„Какво е тоа смеење и кои се целите на тоа смеење, што спаѓа во рамки на друга струка за која вообичаено и во процеси на клевета, се бара мислење од стручно лице психолог или психијатар кој оценува дали и какво смеење има“изјави Латас нагласувајќи дека тоналитетот на неговото смеење бил ист низ целата емисија, како и во конкретниот дел изведен од обвинителството.

На ова обвинителот одговори дека при изведувањето не извршил проценка на нивното смеење, туку само навел дека тие се смеат.

Обвинението против двајцата следуваше по гостувањето на Латас во поткастот на Лазаров во кој тој раскажуваше за сексуално искуството со девојка во своите тинејџерски години, што предизвика бура реакции во јавноста поради стимулирање насилство и родова дискриминација.

„Двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак, не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“рекоа од ОЈО Скопје на 21 февруари кога го поднесоа обвинението.

Со поднесувањето на обвинението обвинителството бараше, а судот прифати одземање на пасошот на Латас, а двајцата добија забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.

Back to top button
Close