Почна судењето за „Беланоца–Барон“: обвинети за убиства, изнуди и трговија со дрога
Со воведни зборови на Обвинителството денеска во судницата на затворот „Идризово“ започна судењето против деветмината водачи и членови на криминалната група „Беланоца–Барон“. Тие се товарат за повеќе убиства, изнуди и нарушување на јавната безбедност во периодот од 2020 до 2024 година.
Јавната обвинителка во своето излагање наведе дека групата во рамки на злосторничко здружение извршила најмалку осум убиства, дел од нив двојни, како и серија сериозни инциденти. Доказите, рече таа, се базираат на прислушувани и пресретнати комуникации, видео надзори, податоци од мобилни телефони и дигитални уреди, како и физички докази – оружје, возила, траги од крв и сведочења.
Според обвинителството, обвинетите од една страна се декларирале како „големи верници и муслимани“, а од друга – се занимавале со ликвидации за пари, трговија со дрога, рекет, лихварство и проституција.
„Еден од обвинетите изразил желба да изврши самоубиствен напад и дури го учел својот син на такви постулати. Некои од нив убиствата ги извршувале со испукување цел арсенал во лицето на противникот, со цел понижување и испраќање јасна порака,“ истакна обвинителката.
Одбраната, предводена од адвокатот Еленко Миланов, го оспори обвинителниот акт, тврдејќи дека доказите се незаконски прибавени бидејќи во предметот не е приложена ниту една наредба за посебни истражни мерки.
На ова, обвинителката возврати дека разговорите во затворска ќелија се сметаат за приватна комуникација, но мерките за следење биле законски одобрени од судија на претходна постапка и се оправдани со тежината на делата и јавниот интерес за откривање на вистината.