Почнува 45. издание на Фестивалот „Браќа Манаки“, ќе бидат откриени ѕвезди на досегашните добитници на „Златна камера 300“

Почнува 45. издание на Фестивалот „Браќа Манаки“, ќе бидат откриени ѕвезди на досегашните добитници на „Златна камера 300“

Битола, 21 септември 2024 (МИА) – Над 450 гости кинематографери од САД, Велика Британија, Италија, Франција, Шпанија и Австралија заедно до домашната публика, вечерва во Битола ќе минат на црвениот килим за да го пролседат свеченото отворање на 45. издание на Фестивалот „Браќа Манаки“.

Меѓународниот собир и натпревар на кинематограферите ќе почне со доделување на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело која годинава му припадна на францускиот кинематографер Бруно Далбонел, како и со доделување на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.

На Широк сокак во Битола за првпат годинава ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата „Златна камера 300“ почнувајќи од браќата Манаки. „Патека на славните“ има 18 ѕвезди на кои се впишани имињата на Милтон Манаки, Јанаки Манаки, Питер Бизу, Роби Милер, Џон Сиели, Сер Роџер Дикинс, Крис Менгес, Кристијан Бергер, Валтер Карваљо, Данте Спиноти, Ентони Дод Мантл, Ед Лахман, Ричард Ленжевски, Хозе Луис Алкањ, Били Вилијамс, Јоргос Арванитис, Свен Никвист и Бруно Далбонел.

Директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски во видео интервју за МИА направено во пресрет на Фестивалот откри дека „Патеката на славните“ ќе почнува од пред киното Манаки и ќе оди кон Офицерскиот дом.

– Не постои друг град во светот освен Холивуд, каде на главната улица, на Широк сокак, ќе бидат поставени ѕвезди на сите добитници на наградата Златна камера 300 за животно дело со годината кога ги добиле почнувајќи од браќата Манаки, во чие име е направен фестивалот. Едниот има добиено почесна награда, годинава ќе му доделиме и на вториот постхумно. Ќе се обидеме да најдеме членови од семејствата кои се живи, разбрав каде може да има, ќе ги поканиме да дојдат, да им ја дадеме наградата за братот кој што никогаш не бил чествуван соодветно. Годинава на двајцата им ставаме посебни ѕвезди, истакна Дамевски во интервјуто.

Во текот на фестивалот којшто трае до 27 септември, ќе бидат емитувани 12 филмови во главната селекција за наградите „Камера 300“, почнувајќи од „Партенопе“, филм со кој вечерва почнува фестивалот.

Back to top button
Close