Почнува Неделата на јапонски филм

Од денеска почнува Неделата на јапонски филм во чии рамки ќе бидат прикажани седум наслови од најновата продукција на јапонската кинематографија.

Се работи за филмовите „Носери: Непостојана вечност“, „Ние правиме антиквитети“, „Буден“, „По зајдисонце“, „Миење коски“, „Густо плетено“ и „Секој ден е добар ден“.

Филмовите се снимени во последниве години, во периодот од 2017 до 2021 година. Семејството, односите меѓу неговите членови и социјалниот момент се главните теми кои на некој поширок начин ги обединуваат филмовите од годинашната Недела на јапонскиот филм.

Неделата на јапонски филм ќе биде присутна и во Битола на 16 и 17 јуни.

– Преку филмовите тонеме длабоко во колективната свест и личните приказни кои нѐ обединуваат. Културата нѐ зближува, откриваме колку многу заеднички работи делиме учејќи преку разликите. Следната недела ќе нурнеме заедно во оригинални приказни преку кои се надевам дека ќе стекнете подлабоко разбирање за разноликоста на Јапонија. Исто така сум многу среќен што подоцна ова лето, во оваа јубилејна година, македонската публика ќе го погледне добитникот на Оскар за најдобар интернационален филм „Вози ми ја колата“ на Рјусуке Хамагучи, кој е снимен според краткиот расказ на мојот омилен современ јапонски писател, Харуки Мураками. Се надевам дека во иднина Неделата на јапонски филм“ ќе има можност да гостува низ целата земја и дополнително ќе ја зајакне врската помеѓу нашите земји“, вели јапонскиот амбасадор Савада Хиронори

Back to top button
Close