Почнува одбележувањето 79 години од депортацијата на македонските Евреи

Eврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ) со повеќе комеморативни настани во Скопје, Битола и Штип, од денеска до 14 март ќе одбележат 79 години од холокаустот на 7144 македонски Евреи, кои на 11 март 1943 година биле собрани од нивните домови и потоа депортирани во логорот на смртта Треблинка.

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија денеска од 19.30 часот ќе се одржи комеморативна вечер на која, како што најави Еврејската заедница, обраќања ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски и амбасадорите на Израел и САД во земјава, Симона Франкел и Кејт Мари Брнз, а видеообраќање ќе има и Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски работи во Американскиот еврејски комитет и претседател на Меѓународниот советодавен совет на ФХЕМ

На комеморативната вечер ќе настапи гудачко трио и ќе биде отворена изложбата „Живот“ посветена на преживеаните Евреи кои ја возобновиле заедницата и придонеле во градењето на повоената држава.

Комеморативните настани ќе продолжат утре, 11 март, кога делегации од Еврејската заедница, претставници на Владата, дипломатскиот кор, невладиниот сектор, пријатели на заедницата и граѓани  ќе положат цвеќе пред Споменикот на 7144 македонски Евреи во некогашниот скопски Монопол, кој бил привремен концентрационен логор, и пред Споменикот на депортираните Евреи и Споменикот на паднатите борци во НОБ на Градските гробишта Бутел. Централните комеморативни активности утре ќе завршат со прием кај градоначалничката на Скопје Данела Арсова.

Амбасадата на Италија во соработка со Еврејската заедница во Република Македонија на 14 март ќе организира комеморативен онлајн-настан, на кој ќе се обрати Џулио Басе, режисер на филмот „Ѕвезденото небо над гетото во Рим“ (Un cielo stellato sopra il ghetto di Roma). Филмот се прикажува во Кинотеката од 9 до 14 март.

 

 

Back to top button
Close