Почнува судски процес за досието „Партизан“, во кој се обвинети Бериша и неговиот зет Малтези


– Специјалниот суд против корупција и организиран криминал (GJKKO) одлучи да почне судски процес за досието „Партизан“, во кој се обвинети поранешниот премиер и лидер на Демократската партија, Сали Бериша, неговиот зет за ќерка, Јамарбер Малтези и уште неколку бизнисмени.

-Одлуката ја донесе судијката Флојера Давиди. Постапката за Бериша и Малтези траеше седум месеци откако адвокатите побараа да се прогласат за неважечки актите на судијката Ирена Ѓока. Нивните адвокати обвинуваа дека таа е судија која не е избрана по закон и секоја одлука донесена од неа е донесена со кршење на законот. Сепак, GJKKO одлучи да ги отфрли тврдењата на одбраната, објавија албанските медиуми.

Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) поднесе обвиненија против Бериша и Малтези за злоупотреба на службена должност, корупција, прикривање на имот и перење пари. Покрај нив под обвинение се и бизнисмените Фатмир Бекташи, Џими Бегеја, Андија Пустина и претставници на две градежни компании.

На Бериша (81) му беше одредена мерка „куќен притвор“ на 30 декември 2023 година, откако одби да ја спроведе мерката „обврска за јавување“, сметајќи ја за неуставна. Од домашен притвор беше ослободен на 27 ноември минатата година, со одлука на GJKKO. Неговиот зет, Малтези, е во домашен притвор повеќе од година и пол.

Бериша е обвинет од СПАК за сторено кривично дело „Пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, извршено во соработка, во врска со приватизацијата на поранешниот спортски комплекс „Партизан“.

Според СПАК со помош на Бериша, како премиер, неговиот зет, го приватизирал целиот комплекс и на големиот простор, во центарот на Тирана, изградил повеќекатници, здобивајќи се со профит од над пет милиони евра.

По соопштувањето на денешната одлука на судот, на новинарско прашање дали побарале скратен судски процес, адвокатот Генц Ѓокутај изјави дека „не побарале, бидејќи недостасува кривичниот факт“, обвинувајќи го при тоа премиерот Еди Рама дека „успеа да го однесе случајот на суд преку неговата агенција GJKKO“

Back to top button
Close