Почнува судското сослушување во случајот против Болсонаро обвинет за обид за пуч

Врховниот суд на Бразил денеска треба да ги почне сослушувањата во случајот против поранешниот претседател Жаир Болсонаро под обвинение за обид за преврат по изборите во 2022 година на неговиот наследник, левичарот Луис Инасио Лула да Силва.

Доколку биде осуден, ова би било првпат во бразилската историја поранешен претседател да биде прогласен за виновен за обид за пуч. Заедно со Болсонаро вкупно се обвинети седум лица кои се товарат дека се обиделе да го соборат резултатот од изборите преку пуч. Болсонаро ги негира обвинувањата.

На обвинетите им се закануваат десетици години затвор, пренесе ДПА.

Постапката ќе почне со судијата претседавач, Александре де Мораес, кој ќе го прочита извештајот од Канцеларијата на јавниот обвинител. Потоа ќе следат изјави од јавниот обвинител Пауло Гонет и адвокатите на одбраната.

Потоа, петте судии од Првата комора ќе ги дадат своите гласови. За осуда е доволно мнозинство од три гласа. Закажани се пет дена за сослушување до 12 септември, а пресудата се очекува следната недела.

Болсонаро, воени функционери и сојузници се обвинети за планирање пуч откако Лула го победи поранешниот претседател на изборите.

Меѓу обвинетите се поранешни членови на Кабинетот и високи воени функционери, вклучувајќи го и поранешниот министер за одбрана Пауло Серхио Ногеира, поранешниот шеф на морнарицата Алмир Гарние и тогашниот советник за безбедност на Болсонаро, Аугусто Хелено.

Тие се соочуваат со обвиненија, вклучувајќи обид за пуч, учество во вооружена криминална организација и оштетување на заштитени културни добра.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close