Почнува „Танц фест“ 2026 – прво издание на наградата „Роксан Стојанов“ и настап на балетската ѕвезда на Париската опера Роксан Стојанов

Во Македонскиот народен театар вечер ќе се одржи отворањето на 22. издание на „Танц фест” и воспоставувањето на првото издание на наградата „Роксан Стојанов“. На ексклузивната гала вечер ќе настапи Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов.
Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“, со учество на сите 13 учесници, ќе се одржи денеска претпладне во МНТ. Жири-комисијата за наградата „Роксан Стојанов“ е во состав: Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на НОБ, Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.
Од сите 13 учесници, ќе биде направен потесен избор од најдобри пет финалисти, коишто ќе настапат на гала вечерта во МНТ и ќе се натпреваруваат за еднонеделен професионален престој во Париз, во месец јули 2026, под менторство на Роксан Стојанов.
Натпреварот е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Роксан Стојанов е исклучителна уметница, со македонско потекло, чија кариера започнала во Скопје, а врвните достигнувања ги остварила во Европа, но и пошироко во светот. Во декември 2024 е прогласена за Ѕвезда на Париската опера, највисоко уметничко признание на оваа светска реномирана институција. На 21. издание на „Танц фест“ во 2025 година, таа ја доби македонската награда МЕНАДА за особен придонес во областа на танцот.
Натпреварот за наградата Роксан Стојанов е организиран од Интерарт и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Северна Македонија во Париз.
ФОТО: Танц фест/Француски институт






