„Поцрнетите“ Мерко, Камчев, Анѓушев може да се гонат и без нови закони
Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, бизнисмените Орце Камчев и Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кои се дел од американската „црна листа“, може да се „зацрнат“ и во Македонија и без носење измени на Законот за рестриктивни мерки.
Измените што веќе се најдоа во собраниска процедура, власта еднаш ги повлече, но пак ги прати во Собрание со забелешките што ги имаше Министерството за правда кое тврдеше дека предлогот е противуставен, спротивен на системот на казнено право, но и на европската конвенција за човекови права.
Овие измени беа предложени откако се прошири американската „црна листа“ и со нив се предвидува листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство да бидат основа за воведување санкции на лица во земјава.
Власта ги претставува како конечен удар за криминалните политичари и бизнисмени. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој ги предложи измените, тврди дека со нив, обвинителството ќе биде обврзано да отвори постапка за тој што ќе се најде на овие „црни листи“.
Предлагачот тврдеше дека овие мерки ќе важат само за оние што во иднина ќе бидат ставени на „црните листи“, со образложение дека законот не може да важи ретроактивно. Ако се земе како точно ова тврдење, и да се донесат измените, Законот нема да важи за оние кои се досега ставени на американската „црна листа“.
И правно, Османи е во право, законите не можат да важат ретроактивно, освен ако не станува збор за закон што е поповолен за лицето, а во случајов не е поповолен.
Но, како што објаснуваат за „Фокус“ од Коалицијата „Сите за правично судење“, од друга страна, државните органи и сега имаат можност да поведат постапки согласно Законот за кривичната постапка и во рамки на таа постапка да се изречат привремени мерки, врз основа на доказите и индициите кои странските држави ги користат за да креираат вакви „црни листи“.
–Законите не можат да важат ретроактивно, освен ако не станува збор за закон кој е поповолен за лицето. Меѓутоа, од друга страна, државните органи и сега имаат можност да поведат постапки согласно Законот за кривичната постапка и во рамки на таа постапка да се изречат и привремени мерки, а врз основа на доказите и индициите кои странските држави ги користат за да креираат вакви „црни листи“, се вели во објаснувањето за „Фокус“ што го додоа од Коалицијата.
Тоа значи дека обвинителствата и судовите може да отвoраат постапки и да ги гонат функционерите и бизнисмените што се сега на американската „црна листа“ и врз основа на постоечките закони.
Всушност, доказите врз основа на кои САД ги зацрни нашите бизнисмени и функционери ги собраа од нашите институции.
преземено од Фокус.мк