Под лупа и контролите на мазутот и Правилникот

При крај е подготовката на новиот Правилник за квалитетот на течните горива, најави министерот за економија.

Истрагата треба да покаже дали имало манипулации со квалитетот на увезениот мазут, а наредната уредба ќе биде потполно усогласена со директивите на ЕУ, не само во делот на граничните вредности на присуството на сулфур во него, туку и на други карактеристики – вискозност, пепел, вода… Ова во интервју за ИРЛ го вети министерот за економија,  Крешник Бектеши, по истражувањето што минатата недела го објавија меѓународниот Известувачки проект за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и македонската Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) насловена „Заговор против воздухот или како Македонија остана последна европска депонија“.Во истражувањето се тврдеше дека отпадно гориво било извезувано од ЕУ држави и продавано како мазут низ Северна Македонија, а го користеле индустриски капацитети, но и државни институции.

Ова истражување и притисокот на јавноста ги мобилизираа властите. Според Бектеши, согласно со заклучокот донесен на владина седница, сите институции биле задолжени во рок од 7 до 14 дена да ја достават целокупната документација и преписките што ги имале меѓу себе во однос на оваа проблематика. Тој најави дека е при крај подготовката на новиот Правилник за квалитетот на течните горива, иако тврди дека и сегашниот Правилник во делот на мазутот бил целосно усогласен со соодветната директива на ЕУ, и дека од страна на Пазарниот инспекторат при контролите не бил мерен само сулфур, туку и други карактеристики. Исто така, потенцираше дека такви проверки можела да бара и Царинската управа, што ѝ го овозможува членот 78 од Царинскиот закон. Во него се вели дека „заради проверка на царинската декларација, царинскиот орган може да ја прегледа стоката и да земе мостри за анализа или за детален преглед“.

Документи се губат, бизнисот си врви

Дали анализите биле правено само за присуството на сулфур или и за други битни параметри, и во колку случаи, треба да покаже ревизијата од работата на надлежните институции. Досега индициите најмногу доаѓаа од оџаците.

Со години тврдам дека главен загадувач на воздухот е индустријата, а не домаќинствата”, вели Лилјана Поповска, технолог и поранешна претседателка на зелената партија ДОМ. „Како технолог, може да ви пресметам колку тони издувни опасни материи се испуштаат преку фабричките оџаци, ако се знае колку тони фосилно гориво влегло во печките. Фосилните горива се смеса на јагленоводороди, кои со загревање на високи температури се распаѓаат на голем број попрости соединенија, од кои дел се гасови. Во еколошките дозволи обично не е предвидена нивна детекција, туку акцентот е ставен на честичките прашина. Затоа е потребно час поскоро носење на Закон за индустриски емисии, кој е направен од поодамна и не знам зошто се чека“, вели Поповска.

Таа укажува дека административно нема средена и дигитализирана документација, па тајните се кријат во тони хартии низ разни канцеларии.

„Некои хартии се губат, некои горат, а бизнисот си врви…Ако имало измами со тарифни броеви на течни горива како што се кажува, тогаш мора да се работи за развиена мрежа на корупција во екологијата, со вклучени кругови од повеќе институции: царина, пазарна инспекција, инспекција во животна средина, министерства, полиција… Во тој случај се работи за организиран криминал“, вели Поповска.

Дека било тешко да се дојде до податоци кои ќе го расветлат овој случај, потврдува и Сашка Цветковска од тимот на ИРЛ.

Се соочувавме со притисоци и ние и нашите извори за време на работењето на оваа приказна. Но, морам да истакнам дека позагрижувачка беше ситуацијата за луѓето во институциите кои се одважија да помогнат да се расветли случајот, отколку за нашиот тим. Очигледно е дека кога станува збор за животната средина, владеат крупни финасиски интереси на мали групи луѓе кои се добро поврзани со политиката, институциите и медиумите. Истражувањето се правеше повеќе од една година, затоа што се соочивме со нетранспарентни институции на многу страни. Енергетскиот пазар сѐ е уште голем предизвик, и како корупциски проблем, и како проблем од животната средина. И сѐ додека е контролиран од лица со врски во политичкиот живот, законите нема да му служат на граѓанинот“, вели Цветковска.

Се загрозува националната безбедност

Предупредувањата за ризиците по здравјето на граѓаните и животната средина траат со години, но досега не ги размрдаа надлежните одговорно да се посветат на нивните обврски и надлежности, кои честопати си ги префрлааа од една на друга институција во обид да избегнат одговорност за состојбите. Поради овие причини, лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, уште во февруари минатата година апелираше претседателот на државата да го свика Советот за безбедност, за да им се дадат насоки на надлежните институции и да се формира оперативно координативно тело што ќе истражи што се внесува во државата.

Со загадувањето се прави своевиден геноцид врз граѓаните и се загрозува националната безбедност. Затоа ова прашање мора да биде од највисок приоритет. Треба да се вклучи Агенцијата за разузнавање зашто отпадот, нафтата, нафтените деривати, доаѓаат од странство. Треба да се соберат информации од странство. Треба да се вклучат одделите на МВР за организиран криминал, Финансиската полиција, УЈП и Агенцијата за национална безбедност, зашто ним им се на располагање сите методи и технички средства да разоткријат евентуална злоупотреба на отпад или други енергенси што пристигнуваат во државата. Сите тие да формираат силно оперативно координативно тело што ќе работи на попречување на загадувањето”, повика Трајанов пред трибината што ја организираше неговата партија.

Тогаш посочи дека и нафтата и мазутот што се користат во земјата не се според стандардите.

„Апелираме да не ги контролираат само декларациите, туку тоа што се внесува во државата“, порача тој.

Надлежните институции сега започнаа истрага, а се очекува да бидат ревидирани сите претходни извештаи од направените анализи и контроли, за да се види дали под декларцијата „мазут“ во земјата влегувало отпадно гориво преку „игра“ со тарифните броеви, и ако било така – кој го овозможил тоа.

Извор: дв

Back to top button
Close