Под слоганот „Борбата трае“ ќе се одбележи 2 Август – Денот на Републиката
Под слоганот „Борбата трае“ годинава ќе биде одбележан еден од најголемите национални празници во Република Северна Македонија, 2 Август – Денот на Републиката.
-Централната манифестација, како и секоја година, ќе се одржи на 2 Август во Крушево, на месноста Гумење, на Мечкин Камен. На оваа свеченост обраќање ќе има претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Оваа манифестација претставува значаен момент за сите граѓани на нашата држава каде ќе се оддаде почит на хероите кои ја обележаа нашата историја, соопшти денеска владината прес-служба.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова ќе го посети манастирот Свети Прохор Пчињски и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод на Пелинце. Нејзиното обраќање, како што е наведено во соопштението, ќе биде посветено на историското значење на овој празник и на важноста од зачувување на националниот идентитет и традиции.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието. Овој чин, како што се посочува во соопштението ,ќе биде симбол на почит и сеќавање на нашите предци кои ги поставија темелите на нашата држава.
-Со слоганот „Борбата трае“ сакаме да ја пренесеме пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.