ПОДАНИШТВОТО НА ЕДИ РАМА КОН БРИСЕЛ, НЕ ПРЕТПОСТАВУВА И МАКЕДОНСКО ПОДАНИШТВО КОН ТИРАНА!?


Тоа што албансккиот премиер, во Тирана, на колена, ја пречекува неговата синоока колешка од Рим, Мелони, е прашање на негов личен избор и вкус.
“Не уште еднаш, Еди”, го моли малата убавица, корпулентниот Рама, кого, мојот стар пријател од Тирана, Сали Бериша, не само заради тоа, го нарекува Рамадуњо!
Албанската влада, односно премиерот Еди Рама, во последниве неколку години, навистина, направија многу во развојот на нашиот западен сосед, кој, за нас, веќе е политички и економски Запад.
За овој вешт, храбар и довитлив политичар, кој, во времето кога беше градоначалник, Тирана беше прогласена за светски град, не постои нешто пред што тој не би клекнал пред Брисел, а особено пред Вашингтон, како што мангупски клечи пред Мелони.
Или, да речеме пред ќерката на Трамп, која купи цел еден остров, поранешна база на диктаторот Енвер Хоџа.
Подаништвото на Еди Рама си е негов проблем и проблем на неговите гласачи, секако проблем и на нацијата и опозицијата, која, само што не му ја запали владата.
Меѓутоа, подаништвото кон Брисел, Вашингтон, или Анкара, во никокј случај, не треба да претставува и македонско подаништво кон Тирана.
И кога самиот ни кажува дека процентот на Албанците во Македонија е 33 посото и кога неговата симпатична министерка за надворешни работи тоа ни го повторува среде Скопје, а македонските авторитети, пред се, Министерството за надворешни работи (и трговија), божем, тоа не го забележуваат.
Тоа што на старото МНР му се додаде и ресор трговија, на овој , не му дава за працо да прави трговија и со националните интереси на македонскиот народ, односно граѓаните во Република Македонија.
Состојбите во Албанија, професионално ги следам од пред осамостојувањето на Македонија, како известувач за Танјуг, подоцна како активист кој, иако е нескромно, направил отповеќе од свите скромни можности за нашинците во Албанија.
Бев сведок на рушењето на режимот на Енвер Хоџа, блискоста со лидерството на Partija Demokratike, ми овозможи многупати моите извештаи, преку Танјуг, или пак, преку МРТВ, од времето на директорувањето на Тихомир Илиевски, први да го обиколат светот.
Затоа си земам за право, од македонските авторитети, да побарам одговорен, државнички став, поради одлуката за отворање три центри за мигранти на територијата на Општина Пустец, каде што живее исклучиво македонско национално малцинство.
Тоа што премиерот ќе изјави дека ја следиме ситуацијата, дека не се мешаме и не сакаме да ни се мешаат дома, е благ став, или став само заради став.
Министерството за надворешни работи не смее да дозволи подаништвото на албанската власт да се прекрши преку грбот на Македонците во Албанија. Тоа треба да знае да направи разлика што е дијаспора, а што малционство, исто како што неговата партија треба да знае дека задгранични партиски комитети можат да се прават во дијаспората, а не во соседските малцинства.
Официјално Скопје, во неколлку наврати, покажа дека во Албанија, кога е во прашање нашето малцинство, се потпира на лажни авторитети, дека враќа долгови кон оние кои, за личен интерес и пари, практикуваа гласачки туризам во Македонија, во времето на Никола Груевски, додека неговата министерка за внатрешни работи, Јанкуловска, ги нарекуваше “гревчиња, кои фатени за рачињата, итаат во групи кон гласачките места”.
Денес, нив ги нема да кренат глас, живеат во удобностите и привелегиите во Ресен, Битола и други места, претставуваат лажни, непостоечки институции во Албанија, додека Единствената македонска политичка партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), е оставена понастрана, запоставена и непосакувана, сама да се бори со тужбите од бугарските емисари, кои со државни пари од Софија купуваат сиромашни души, ги бугаризиираат Мала Преспа, Голо Брдо, секаде каде ќе стигнат.
МАЕИ е оставена самата да ја води правната и институционалната борба на партијата, вклучително и судскиот процес во Корча, кој, според МАЕИ, претставува обид за политички притисок врз нејзиното раководство.

МАЕИ, деновиве поднесе тужба до Управниот суд на Албанија против Владата во Тирана, поради одлуката за отворање три центри за мигранти на територијата на Општина Пустец, каде што живее македонско национално малцинство.
Со тужбата јасно се бара изземање на општина Пустец од државниот план за отворање центри за мигранти, бидејќи одлуката е донесена без консултација со локалната самоуправа, без јавна расправа и без почитување на правата на локалното население.

МАЕИ оценува дека оваа одлука претставува директно загрозување на интересите, безбедноста и демографската стабилност на македонската заедница во Општина Пустец и е спротивна на Уставот, законите и меѓународните обврски што Албанија ги има преземено за заштита на националните малцинства.
Ќе продолжиме со правна и институционална борба сè додека не се заштитат правата и достоинството на македонската заедница, категоричен е лидерот на партијата Васил Стерјоски.

Посочува дека и во 2025 година останала доследна на својата принципиелна политика – одбрана на македонскиот национален идентитет, јазик, култура и историско наследство, како и борба за целосна примена на европските стандарди за малцински права во Албанија.
Зошто некому треба да му смета определбата на МАЕИ за “немешање во внатрешните политички и изборни процеси во Република Македонија”, но,, истовремено упатува „јасен повик до институциите во Скопје за проактивна и трајна грижа за положбата на Македонците во Албанија, како неотуѓив дел од македонскиот народ”.

Партијата нагласува дека ќе продолжи со институционална, правна и меѓународна активност за заштита на правата на Македонците во Албанија и апелира до албанските и меѓународните институции да спречат политичка инструментализација, асимилација и негирање на македонскиот идентитет.
– И покрај сите притисоци, МАЕИ останува цврста, принципиелна и непоколеблива во својата мисија – да биде глас, штит и столб на македонскиот идентитет во Албанија – се наведува во годишниот извештај на МАЕИ за минатата година. (Крај)
Веле Митаноски

Back to top button
Close