Поддршка за ранливите, самохраните родители, лица со попреченост и жртвите на насилство“, вели Борозан

Грижата за најранливите категории граѓани мора да стане еден од главните приоритети на државата, порача Маја Борозан од Форумот на жени на СДСМ на денешната прес-конференција, на која беа претставени дел од мерките од платформата „Твоја држава, твоја шанса“.

Според Борозан, самохраните родители, лицата со попреченост, граѓаните со ретки болести, жртвите на насилство и работниците со ниски примања се соочуваат со сериозни предизвици и недоволна институционална поддршка.

„Денес најтешко живеат граѓаните на кои државата треба да им биде најголема поддршка. Тие секојдневно водат битка за достоинствен живот, за своите деца, за покрив над глава и за основна егзистенција“, истакна Борозан.

Од СДСМ оценуваат дека самохраните родители се оставени сами во справувањето со животните предизвици, лицата со попреченост и натаму се соочуваат со бројни бариери, додека пациентите со ретки болести често се соочуваат со проблеми во навремената достапност на терапијата.

Како дел од платформата „Твоја држава, твоја шанса“, партијата предлага воведување државен додаток за домување за самохраните родители, целосно покривање на трошоците за градинка и право на флексибилно работно време.

Во делот на работничките права, СДСМ предлага минималната плата автоматски да се усогласува со трошоците за живот, инфлацијата и просечната плата.

Партијата најавува и формирање посебен фонд за обезбедување навремена достапност на лекови за лицата со ретки болести, како и национален план за целосна пристапност на јавните објекти за лицата со попреченост.

Меѓу предложените мерки се и целосно финансирање на лични и образовни асистенти, обезбедување итно домување и бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство, како и отворање современи центри за лекување зависности и за ментално здравје.

„Државата е најсилна тогаш кога најсилно стои зад најранливите“, порача Борозан, претставувајќи ги заложбите на СДСМ во рамки на платформата „Твоја држава – твоја шанса“.

Back to top button
Close