Поддржи ја современата регионална книжевност | Донирај за основање на паричен фонд за Штефица Цвек

Создаваме модели на соработка и градење на заедништво за критичко читање и вреднување на книжевноста кои, наспроти компетитивните практики, даваат неверојатни резултати! Нашето очекување дека целта од 1000 евра ќе биде постигната во текот на кампањата беше надминато! Целта се исполни и се удвои во само една недела, а во преостанатите денови од кампањата се надеваме дека ќе успееме да собереме уште повеќе средства коишто ќе се доделат на добитниците на книжевниот избор Штефица Цвек.
 
Испраќаме благодарност до сите што придонесоа за постигнување на првичната цел и тоа за само една недела. Овогодишната „Штефица Цвек” ќе биде признание за најдобри дела и автор(к)и за чијшто избор е најзаслужна заедницата, која номинираше наслови и го овозможи ова стипендирање!
🍀Линк за донации: https://www.donacije.rs/projekat/stefica-cvek/
 

Книжевен избор „Штефица Цвек” 

Регионалната иницијатива „Бунтовни читателки” годинава по втор пат го организира книжевниот избор „Штефица Цвек”, за книги кои обработуваат феминистички и квир тематики, објавени во 2022 година, на БХСЦ и на македонски јазик. Изборот е именуван по ликот од романот Штефица Цвек во челустите на животот на Дубравка Угрешиќ, не само затоа што Угрешиќ беше првата жена добитничка на НИН-овата награда туку и затоа што станува збор за класик на југословенската книжевност и неизоставен дел од регионалната феминистичка лектира. Штефица Цвек одлично анализира како (поп)културата и книжевноста со стереотипно видување на женските ликови влијаат на обликувањето на реалните животи на жените. Така, и денес на жените неретко им се наметнува изборот да работат во доменот на т.н. тривијална книжевност или да се занимаваат со другите жанрови, но без нивниот труд да биде (доволно) вреднуван од страна на книжевниот мејнстрим.

 

Фонд за стипендирање

За да препознаеме и поддржиме што е можно повеќе автор(к)и коишто пишуваат ангажирано, создаваме фонд за стипендирање на автор(к)ите чиишто книги ќе бидат вклучени во овогодишниот избор. Покрај големиот одѕив на заедницата за време донесувањето на изборот на првата Штефица минатата година, изборот сепак имаше симболичен карактер. Сега, со помош на поголемо вклучување на јавноста и читателите би сакале да го премостиме овој недостаток, првично затоа што пишувањето е работа, но и пред сè затоа што афирмацијата на феминистичкото и ангажираното творештво е невозможна без финансиска поддршка. Веруваме во моќта на добрата литература која ќе го продлабочи разбирањето на стварноста и ќе ги сузбие воспоставените и застарени општествени перцепции и норми, поради што сакаме да понудиме поддршка на книжевните дела што се носители на таквиот потенцијал. Сите собрани пари ќе одат во фондот за стипендирање на автор(к)ите и ќе бидат подеднакво распределени на сите победници на овогодишниот избор „Штефица Цвек”, кои ќе бидат објавени во јуни оваа година за време на книжевниот фестивал Крокодил (Белград, Србија). Сите донатори ќе бидат тековно информирани за процесот на селекција, а пошироката јавност ќе може да ги проследи сите новости за изборот на Инстаграм и Фејсбук профилите на партнерските организации коишто учествуваат во изборот.

 

Повеќе информации за кампањата можете да пронајдете на следниот линк, каде можете да го прочитате целосниот повик за учество во кампањата и да придонесете со ваши донации! 


Сите заинтереисрани за поддршка на добрата книжевност ги поттикнуваме да придонесат со донација во износ по нивен избор или проширување на информацијата за кампањата преку своите мрежи и платформи. 

Организационен одбор 

Колективот кој го организира овој книжевен избор вклучува претставници/чки од: „Pobunjene čitateljke” (Србија), „Kulturtreger” (Хрватска), „Коалиција Маргини” (Северна Македонија), „Ženska čitaonica” при ПЕН Центарот (во Босна и Херцеговина) и повеќе независно вклучени членки кои се книжевни критичар(ки) и културни работнички/ци. „Штефица Цвек” #2 е регионален книжевен избор што од оваа година ќе го покрива БХСЦ и македонското говорно подрачје. Регионалната иницијатива „Бунтовни читателки” години наназад ја следи домашната и регионалната книжевна продукција и интервенира во јавните културни политики, кои честопати го занемаруваат феминистичкото творештво. Изборот нема натпреварувачка природа (не се доделува една награда, туку се прави избор на книги што сметаме дека се вредни за внимание) и не прави хиерархизација меѓу избраните дела.

Back to top button
Close