Подготвен сум да разговарам со Жељазков за да најдеме решение што ќе го одблокира пристапниот процес, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се уште немал комуникација со новиот бугарски премиер Росен Жељазков кој на функцијата е од минатата недела.

Мицкоски вели дека со задоволство би реализирал средба со Жељазков на која би му пренел јасна порака, а тоа е дека договорите треба да важат и да се почитуваат од двете страни.

Премиерот Мицкоски вечерва во интервју за Дневникот на МТВ, кое го даде од Њујорк пред да тргне на пат за Македонија по неговата посета на САД, рече дека има желба да седне со неговиот бугарски колега и да разговараат за тоа какви се можностите.

Ваквата изјава на Мицкоски е одговор на новинарско прашање, а во врска со неговите претходни најави дека разговорите со Бугарија околу продолжувањето на земјата на процесот за пристапување кон ЕУ ќе продолжат кога источниот сосед ќе има политичка Влада.

„Немам комуникација со претседателот на Владата на нашиот источен сосед. Со задоволство би реализирал една таква средба. Со задоволство би имал желба да седнеме, да поразговараме, да видиме какви се можностите и единствената моја порака ќе биде многу јасна и гласна, а тоа е ако договорите важат и треба да се почитуваат за нас треба да важат и да се почитуваат и за нив и дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес“,рече Мицкоски.

Во одговорот, Мицкоски рече дека она што Бујар Османи како министер за надворешни работи и Димитар Ковачевски како премиер го прифатиле, а не успеале да го испорачаат, секогаш ќе ни биде ставано на маса како услов.

„Свесен сум за тоа што го направи Бујар Османи како министер за надворешни работи и Димитар Ковачевски како премиер. Јасно ми е дека прифатија нешто што не успеаа да го испорачаат. Сето тоа ми е јасно дека е проблем и дека сега секогаш ќе ни биде ставано тоа на маса како услов. Ако за нас тој услов важи тогаш треба да важат и за сите други оние договори што претходно се прифатени како што е Резолуцијата за почитување на човековите права, Договорот за добрососедство. Сето тоа треба да претставува обврска за сите страни“рече Мицкоски.“

Мицкоски рече дека е подготвен да разговара било каде и со било кого, со цел да се најде решение со кое ќе се одблокира пристапниот процес, но кое ќе биде трајно, а не инстант и само за сега. Тој вели дека тоа би требало да биде решение кое понатаму ќе овозможи достоинствени преговори до самиот крај, а не само за првите чекори.

Мицкоски во интервјуто беше прашан и за тоа што деновиве е актуелно во земјава – присуството на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и тоа од кого се стигнати поканите.

„Ги следам случувањата дома и тоа што го прави опозицијата и поедници блиски до неа. За мене е разбирливо бидејќи нормално е тие да сакаат тема од оваа посета да биде дали сме добиле покана, дали некоја пи-ар агенција ни ги набавила, дали сме ги купиле, дали некоја лоби куќа тоа го организирала. Нормално е дека тие не сакаат да ја гледаат суштината, а суштината е таа што ја видоа, а во периодот што следува и допрва ќе гледаат некои работи што се случуваа овде“,рече Мицкоски во одговорот.

Тој во одговорот без да даде конкретен податок од кого е стигната поканата, рече дека биле поканети исто како и 2 000 други луѓе.

„Во интерес на темата што сакам да ја затворам е фактот дека како и секоја церемонија на инаугурација на американски претседател, така и оваа, требаше да биде на истото место како и децении наназад, во организација на организационен комитет што го формираат конгресмени. Точно е дека ние бевме поканети, како и 2 000 други луѓе, во посебен дел каде требаше да бидеме сместени, но поради временските услови се одлучи настанот да има неколку продолженија, настани. Тоа е вистината, се останато го оставам на политичкиот фолклор“,рече Мицкоски.

Back to top button
Close