Поднесена кривична пријава против поранешен градоначалник на скопска општина за злоупотреба на службената положба

Министерството за внатрешни работи, вечерва, преку соопштение, информира дека Одделот за криминалистичка полиција спровел предистражни дејствија за поранешен градоначалник на една скопска општина, за кој постои сомневање дека извршил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик.

Тој е осомничен дека на 04.08.2021 со пречекорување на границите на своето службено овластување како лице што врши работи од јавен интерес, по спроведена постапка за јавна набавка на работи – реконструкција на спортски игралишта на територија на општината и склучен договор за јавна набавка со правно лице од Скопје, постапка во која покрај за игралишта, за што бил надлежен, предвидел реконструкција и на спортско игралиште во средно училиште, иако знаел и бил свесен дека средните училишта согласно Законот за средното образование се во надлежност на градот Скопје.

„На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на општината за износ од 662 885 денари, кои средства му биле исплатени на избраниот економски оператор за реконструкцијата на тоа игралиште“,се вели во соопштението на МВР.

Во координација со СВР Скопје, Единицата за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава, додаваат оттаму.

Back to top button
Close