Поднесена тужба против Брижит Макрон поради јавна навреда

Брижит Макрон се соочува со тужба од неколку организации, вклучувајќи и групи за женски права, откако беше снимена како упатува навредливи зборови кон феминистки кои протестираа на театарска претстава во Париз.

Повеќе од 300 жени, поточно 343 – што е историски симболичен број во францускиот феминизам, оваа недела поднесоа тужба против првата дама на Франција за јавна навреда.

Видеоснимката, направена минатата недела, ја прикажува Брижит Макрон како зад сцената во театарот „Фоли Бержер“ во Париз разговара со Ари Абитан, француски актер и комичар кој претходно беше обвинет за силување. Таа присуствуваше на неговата претстава со својата ќерка и пријателите. Вечерта пред тоа, феминистички активистки ја прекинаа претставата извикувајќи „Абитан, силувачу!“.

Брижит Макрон го праша Абитан како се чувствува, а кога тој рече дека се плаши, првата дама упати погрдни зборови за активистките, нарекувајќи ги „глупави кучки“ и рече дека ако повторно се појават, „ќе ги исфрлиме“.

– Таа е првата дама на Франција, нејзините зборови се важни, порача Жилиет Шапел, адвокатка на феминистичките групи кои го покренаа случајот. Шапел додаде дека Макрон делувала како „многу ангажирана за интересите на жените, но во реалноста постои јаз меѓу нејзините јавни говори и она што таа навистина го мисли“.

– Жал ми е ако ги повредив жените жртви, порача Брижит Макрон, нарекувајќи ги коментарите на снимката „приватни коментари“. Сепак, како што вели, таа не жали за нив.

– Не можам да жалам. Вистина е, јас сум сопруга на претседателот на републиката, но јас сум пред сè јас. И затоа, кога сум насамо, можам да си дозволам да се опуштам на начин кој не е сосема соодветен, изјави Макрон.

Судиите во 2024 година ја прекинаа истрагата за обвинението за силување од 2021 година против актерот Ари Абитан поради недостиг на докази. Таа одлука беше потврдена во жалбена постапка во јануари оваа година.

Феминистичка група што учествуваше во протестот соопшти дека нејзините активисти го прекинале настапот на Абитант во знак на протест против она што го нарекоа „култура на неказнивост“ во врска со сексуалното насилство во Франција.

Бројот 343 се однесува на познатиот „Манифест на 343-те“ од 1971 година за легализација на абортусот, во кој 343 жени признаа дека ја прекинале бременоста во време кога тоа беше илегално.

Многу познати личности изразија поддршка за активистките, прифаќајќи ја навредата како своја со хаштагот #salesconnes.

 

Back to top button
Close