Подводните фонтани во Вардар остануваат надвор од функција

Двете подводни фонтани во реката Вардар, поставени покрај Камениот мост и замислени да создаваат водоскоци високи до 20 метри, осветлени во боите на виножитото, со години не се во функција. Од Град Скопје велат дека нивниот систем е сериозно оштетен и дека се работи на изнаоѓање трајно решение.
„Во однос на подводните фонтани во коритото на Вардар, сакаме да информираме дека нивната состојба е сериозно нарушена. Во минатото, при изведување градежни активности во коритото на реката, со употреба на механизација биле целосно оштетени системите за прскалките и осветлувањето, а дополнително се констатирани и конструктивни проблеми. Токму затоа, Градот Скопје работи на изнаоѓање одржливо и безбедно решение“, велат од Град Скопје во одговор на прашањето на „Независен“ дали се планира нивна ревитализација.
Фонтаните беа пуштени во употреба во јуни 2011 година, по повеќе одложувања и поништени тендерски постапки. Од тогаш, тие повеќе време се надвор од функција отколку што работат. Едната е поставена во линија со Македонскиот народен театар, а другата пред Уставниот суд. Секоја од нив има централна млазница што требаше да исфрла вода до 20 метри височина, како и осум помали прскалки со водоскоци до седум метри. Денес, голем дел од цевките се искривени, а подводните рефлектори што ги осветлуваа фонтаните не функционираат.
Изведувач на проектот беше италијанската компанија „Ла Моне Мореда“, а инвеститор Општина Центар. Во времето кога општината ја водеше Владимир Тодоровиќ никогаш не беше објавено колку чинеше изградбата на двете фонтани. Подоцна, по промената на локалната власт, од извештаите произлезе дека само за одржување на овие две фонтани, заедно со фонтаната „Воин на коњ“, годишно се издвојувале околу 145.000 евра.
Во меѓувреме, Град Скопје информира дека повторно се ставени во функција фонтаните „Воин на коњ“, „Филип II“, „Прометеј“, двете фонтани кај Министерството за транспорт, како и фонтаната кај Министерството за социјална политика, демографија и млади. Во тек се и градежни активности за повторно активирање на подната фонтана на плоштадот.
Паралелно со тоа, неодамна беше потпишан Протокол за соработка, пријателство и партнерство меѓу Град Скопје и турската општина Есенлер за реализација на проект за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост.
„Со реализацијата на овој проект, Камениот мост ќе добие современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со неговите архитектонски карактеристики, историската вредност и статусот што го има како еден од најзначајните симболи на Скопје. На тој начин, централното градско подрачје ќе добие уште поубав и подостоинствен ноќен изглед“, велат од Град Скопје.
Во изминатите денови беше осветлен и пешачкиот мост на Вардар, каде што првично беше предвидена изградба на панорамско тркало – проект од кој подоцна се откажа. Иако мостот е пуштен во употреба уште во 2021 година, деловните објекти на него никогаш не профункционираа. Од Град Скопје и понатаму не откриваат какви се плановите за нивната идна намена.






