Поетесата Ива Дамјановски добитник на поетската награда „Браќа Миладиновци“

Поетската награда „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата оваа година ѝ припада на книгата „Двоумење“ на младата македонска поетеса Ива Дамјановски, во издание на ПНБ публикации од Скопје, 2020 година.

-„Двоумење“ на младата поетеса Ива Дамјановски наметна еден необичен нов глас во македонската поезија, кој е автентичен и свеж, неверојатно луциден и ритмичен, но со едноставен и силен израз. Нејзините стихови истовремено се и брутално нежни и лежерно контрадикторни, но самосвесни и длабоко музикални. Восхитуваат со својата детски наивна мудрост, надополнета со рими и асонанци кои креираат нетенденциозна алузија на потиснатата словенска тага. Целата збирка е компактна, а песните се како природно изделкани скулптури, точно такви какви што треба да бидат, и никако поинакви, исправени пред глобалните загрози на апокалиптичноста, која нѐ обзема сите и насекаде, се наведува во образложението на жири комисијата.

Песните на Дамјановски, додаваат членовите на комисијата, имаат храброст да нѐ убедат дека светот е добар и дека за треба да се има многу љубов, дури и тогаш кога сме свесни дека не му припаѓаме сосем.

-Тоа е чист, невин и речиси детски поглед на свет, бесмртен како и уметноста која е единствената надеж што човек може да ја има. Книгата „Двоумење“ на Ива Дамјановски изобилува со минималистички градени стихови кои си поигруваат со семантиката на зборовите, отворајќи пред нас еден перцептивен и неверојатно емотивен хоризонт, кој можеби и не е толку ерудитен, колку што е интуитивен токму поради онаа безвремената сензибилност што поетесата ја наследила од Рацин и Караманов (а зошто да не и од Петер Хандке, кој се исправил пред нас преплашен како дете), истакнуваат тие.

Затоа во стиховите на Ива Дамјановски, се додава во образложението, има и крв и револт и вжарено сонце на небото кое ги обоило остатоците на сите значења што зборот може да ги породи.

-Тие се како тивко јачење и гласно пишување кое посакало да ги отфрли сите вербални калапи, за да изгради една стилска оригиналност која нема да ѝ наштети на емоцијата. Затоа убавината на нејзината поезија не е толку во интелектуалната содржина на зборот, колку во едно, истовремено, одалечување-и-приближување кон сите значења одеднаш. Скриена зад привидниот несклад на мислата, зад звукот и смислата на едно вокално писмо кое се доближило до генотекстот на означувачкиот процес, нејзината поезија го открива нејзиното заитано сепство. И сосем за крај, ако изминатава година, во поетската продукција на македонски јазик има нешто што може да ја понесе толку употребуваната, дури и излитена синтагма „книжевен настан“, тогаш според мислењето на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, тоа секако е книгата на младата Ива Дамјановски, нагласува комисијата.

Додава дека оваа книга е доказ и показ дека македонскиот јазик е сочен, жив и квалитетен материјал од кој може да се изградат песни кои се стимулативни и за уво, и за срце, и за мисла.

Одлуката наградата да отиде кај Дамјановски жири-комисијата за доделување на националната награда „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена помеѓу два фестивала на СВП, ја донесе на 21 август, откако одржа неколку онлајн состаноци, на кои ги разгледа пристигнатите книги на годинешниов конкурс и ја состави конечната ранг-листа на делата кои, според гласовите на комисијата, влегоа во најтесниот избор за наградата.

Во состав на жири-комисијата се Ангелина Бановиќ-Марковска (претседател), Соња Стојменска-Елзесер (член), Анастасија Ѓурчинова (член), Никола Маџиров (член) и Душко Крстевски (член).

Ранг листата освен Дамјановски со „Двоумење“ ја сочинуваа и Долорес-Лори Атанасова со „Небо во кафез“, Андреј Ал-Асади со „Небесна геометрија“, Јосип Коцев со „Музеј на чувствата“ и Пајо Авировиќ со „На погрешната страна“.

-Секој што се опробал во овој занает знае дека покрај сите книжевно-теориски искуства, мора да се потпре и на сопствената естетика за да ги пренесе своите ставови на јазик разбирлив за сите. Но за разлика од критичарите кои создаваат текстови инспирирани од стихови, поетите креираат стихови инспирирани од интимата што го породила имагинариумот на нивниот јазик, креирајќи своевиден лирски херметизам од задоволства и наслади, од анаколути и парадокси кои, исцртувајќи ја линијата на создавањето, минуваат во бизарен склад на крајот од патот, се вели во образложението на жири комисијата.

Се додава дека годинешнава поетска продукција откри еден специфичен синкретизам од теми и мотиви, во кои можат да се насетат три доминантни парадигми: првата се однесува на една херменевтичка запрашаност која успешно комуницира со свеста и душата на читателот; втората на една трансцедентална поетичност која дијалогизира со историјата, филозофијата и уметноста; а третата со една метакнижевна стратегичност која ги доведува во тесна врска домашната и светската поезија и култура.

Во образложението за донесената одлука даваат осврт и на другите дела.

Книгата „Небо во кафез“ на поетесата Долорес Атанасова-Лори, открива интимистичко лирско писмо на интересен женски глас, насочен кон едно поетичко документирање на стварноста. Надвор од секаква дескриптивност, искрена и топла, книгата изобилува со чиста есенција од чувства кои испишувајќи поезија на атмосфера, создаваат атмосфера во поезијата. Луцидна, остроумна и допадлива, нејзината урбана поезија е незадоволна поради нарушената хармонија со природата, во која и небото дури е сместено во кафез. Поетесата вешто ги предочува своите егзистенцијални преокупации, во одмерен и функционален лирски израз без песимизам…

„Небесна геометрија“ на младиот Андреј Ал-Асади донесува три циклуси на едно продлабочено поетско писмо кое – зачудно и заумно, како патот до поетската порака – бавно се исчитува, но мудро се испишува. Иако покажува иронична дистанца кон стихот натопен во ориентална мудрост, суптилно загадочен и мистичен, поетот Ал-Асади создава една палимпсестна поетика обременета со траги од арапската поезија, градејќи атмосфера на нова епска современост. Херметична и метафизичка, таа пораѓа специфичен глас на мистичен и млад сензибилитет, напати спонтан, напати тенденциозен но, секако, арспоетичен.

„Музеј на чувства“ на суптилниот Јосип Коцев е компактна книга напишана во еден глас. Открива солиден поетски израз, со чувство за мера и хармонија. Неговите стихови се редат сами од себе, надминувајќи ја лесно гравитацијата на тривијалноста, поради што македонскиот јазик кај него прозвучува убаво и топло. Тој не е ни епигонски, ни истрошен, уште помалку тенденциозен или шокантен, но доволно рафиниран да ве увери дека во него има и талент и занает кој користејќи разновиден тематско-мотивски репертоар ќе води вечна борба со самиот себеси и со примордијалното. Личното време наспроти историското време кај него е во набој и ќе породи нови зрели стихови.

Насловена „На погрешната страна“, поетската книга на Пајо Авировиќ тргнува од некоја неочекувана емоција, тема или случка, од некаква возбуда што создала повтеж по збор кој излачил зрел но непретенциозен лирски субјект, со исклучителна книжевна дарба во која се чувствува семето на универзалноста. Тематски разноврсен, луциден и афористичен, без непотребни украси и усложнувања, Авировиќ прави чудесен спој од сакралното и тривијалното во еден стиховен меланж кој е можеби изморен од големите наративи на историскиот презент, но вешто надминат со интелектуалното искуство на една суптилна дипломатска сенка која го довела до проѕирност својот мисловен процес. Со изострен поглед кон стварноста и со јасен став кон животот, овој длабоко ерудитен и богат глас, ја облагороди македонската книжевност и култура со своето смело поетско присуство.

Back to top button
Close