Поезија од Конески за Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик го одбележуваме со поезија од Блаже Конески
Преживување
Какви порази сме морале да издржиме,
какви срамови,
какви поруги.
Боже, умот дури ми се свртува!
Ни помагало нешто, нè крепело нешто,
некаква смешка, некаква површност, –
и по сето тоа
во нас
некаква надеж, некаква желба,
некаква скриена смисла
безрасудно
пак изртува!
Ангелот на Света Софија
Ти којшто толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен,
пак слободен си в простор зрачен
– о сине тих на мисла сина –
со живот пак ти гори видот
и зори како небо ѕидот.
Но таа лика што се крие
под малтерот на мојте гради
и – утеха на дните млади –
по убост како сестра ти е,
не, нема мајстор да ја спаси,
со мојот живот ќе се згаси.
Разговор
Јас замислувам разговор со тебе,
Некакво правдање,
Некакво објаснување.
Јас смислувам прикладни зборови,
Вистинити,
Топли,
Искрени докрај.
Можеби јас би ти кажал
Во тој дијалог
Дека, и покрај сето,
Ти си повлекла виножито
Над мојот живот,
Дека ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост,
Така што се’ добило своја смисла,
Како само по себе да се создало чудо.
Можеби малцина, а можеби и никој
Не се измислил така себеси
Како што сме се измислиле ние двајцата.
Па сепак, и покрај тој голем подем
По гест и збор,
На крајот заклучувам
Дека е подобро да не дојде воопшто до тој разговор