Погрешен „Ден на македонската дипломатија“?
Вчера ме изненади еден странски амбасадор акредитиран во Скопје кој телефонски ми го честита Денот на македонската дипломатија. Се насмеавме зашто јас и не знаев ништо за таков ден – кога е прогласен, од кого и зошто токму 29 април. Потоа прочитав дека на тој ден, во 1969 година, било формирано Биро за односи со странство во Социјалистичка Република Македонија, дел од СФРЈ. Но, тогаш не постоеше македонска дипломатија туку само југословенска дипломатија во која беа претствени републиките со свои кадри.Слоганот на таа генерација беше:„Нема Македонија без Југославија ниту Југославија без Македонија“.
Серија истакнати имиња од областа на политиката и на културата на Македонија беа југословенски дипломати: Лазар Мојсов, Коле Чашуле, Димче Беловски, Ацо Шопов, Илија Топаловски, Владо Малески и редица други. Но, сите тие беа југословенски амбасадори. Вистина, почетоците на некаква самостојност во меѓународните односи почнаа да се манифестираат и тогаш но, само во областа на културата каде републиките имаа простор за афирмација на сопствената култура во странство. Значи, републиките од федерацијата немаа своја дипломатија. Постоеше само југословенската дипломатија.
Инсистирањето на фактот дека партизанската генерација е заслужна за создавањето на македонската држава на заседанието на АСНОМ во 1944 и дека наша задача во 1991 беше да ја сочуваме и унапредиме таа држава, ми донесе лош глас меѓу македонските националисти на времето. За нив немаш ништо претходно, се почнуваше од нив. Останувам и денес на кажаното: делото на партизанската генерација е она на што стоиме или паѓаме. За среќа, темелите на таа државност беа доволно силини за да одолеат на турбулентното распаѓање на југословенската федерација на почетокот од деведесеттите. Но, дури тогаш, со прогласувањето на македонската независност, почна да се создава македонската дипломатија составена од некогашни југословенски на кои им се придружија идните помлади македонски дипломати.
Многу исклучителни датуми можат да се најдат во тие први години на независноста со кои би се обележал Денот на МНР или на македонската дипломатија. Патот кон создавање на дипломатијата на независната држава Република Македонија, водеше преку Конференцијата за Југославија која ја организираа големите западни сили, одлуката на нејзината Арбитражна комисија дека само Македонија и Словенија заслужуваат на почетокот од 1992 да бидат признаени од ЕЗ, па до приемот во ОН. Внатре, во некогашната Комисја за односи со странство на Македонија, која беше „чекална“ за заминување во југословенската дипломатија, почнаа да се прават првите чекори кон организирање на министерство за надворешни работи: првиот факс поставен во просториите, првата дипломатска кореспонденција преку Конференцијата за Југославија, првите телефонски разговори со странски амбасади во Белград, цртање на хартија шеми за идната внатрешна организација на МНР по углед на малите европски држави, создавање на сектори и одделенија… Почетоците на една самостојна македонска дипломатија беа тешки и неизвесни, а создавањето на Биро за односи со странство во моќната регионална балканска сила Југославија во 1969 било многу, многу лесно. Со сета почит кон денот, МНР и владата одбрале погрешен ден за прослава. Како да не го бирале млади луѓе туку група чиновници. Се си мислам: да не има ова врска со партиските политики а не со вистината?
Денко Малески