Погрешна фрула

Се посилни и поаздисани во нашата јавност се евроскептичните гласови, сега толку отворени, што измислуваат и конференциски платформи на кои сакаат да не инфицираат со нивните контаминирачки фантазии. Но, во услови на фактички идејно најподдржуваната политичка платформа: МКД во ЕУ, џабе им е претставата.

Во налет на изборна кампања, сиромашките, дуваат во погрешна фрула, само за да се дочепаат до некоја привилегија во случај да се смени власта. Жалам што ќе ги разочарам, но секоја влада, без разлика од која провиниенција е, ќе мора да се задржи на евротатлантскиот статешкиот курс и да овозможи национален консензус. Во спротивно нема да ја има.

Да повторам, граѓаните овде многу добро знаат дека ЕУ е најповолниот можен свет од расположливите на лагер (и со сите свои маани факт е дека тоа е сепак демократски и мирен свет).

Овие евроскептични гласови, исто така, почнуваат и да го релативизираат влијанието на BRICS, особено во развојот на автократските режими кај неговите членки.

Дами и господа што сакате да ја втурнете земјава во политичка сива зона, sorry to say: фактите и реалноста, не се на ваша страна.

Полека со импресиите.

Прво, уште од времето кога се лансираше, BRICS е лабав сојуз, кој ниту има процедурални институци, ниту егзекутива, ниту пак има законодавно тело, ниту постојан секретаријат, ниту формални критериуми за членство. Поточно, нема конкретни критериуми за операционализација на своите замисли. За разлика од ЕУ, која сето тоа го има!

Во BRICS, земјите се со разнородна политичка, воена и економска потенција, и воедно водечките меѓу нив се докажани автократии.

Погодете кои се тие ?

За разлика од ЕУ – тоа не е случај. И ова е битна разлика, мили мои! Во овие бриксовски патрдии, се одвива квази политички шоу и во едно такво шоу за граѓанското општетсво нема отворено простор. Така што овие од кај нас неутронските “енџиоиши” кои засурфаа на евроскептичиот бран, не знам колку се свесни дека доколку продолжат со еуроскепсата, во евентуален бриксовски заокрет, скоро и да нема да постојат, а не па да бидат консултирани и финансирани.

 

Нема шанса тоа, мили мои

Затоа што, функционалното мрежно поврзување на бриксовците, не ги баш љуби активистите на НВО, туку, повеќе дејствува преку партии, компании, а богами и академски кругови. Последниве, гледаме и кај нас добро се уштекале и вмрежиле и тие се тука инсталирани уште од пред времето на информбирото и особено во бастионот на македонската наука.

Значи, за да се стане член на една неформална дружина како BRICS, не е прашање на формален критериум (на пример копенхашите како во случајот на ЕУ, особено не ДЕМОКРАТИЈА или ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО), туку е прашање на ВЛИЈАНИЕ, се знае чие: на Русија или на Кина. А, новите земји приклучоци на БРИКС, како Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) – се состојат од две монархии, една теократија т.е. де факто воена диктатура и земја во која моментално се води граѓанска војна. Аргентина ќе беше демократија но, по изборот на Милеи и тоа е доведено во прашање. И за да не должам многу, особено не за енергетските причини позади овие влијанија на Русија и Кина, ќе укажам само референтниот Уве Oптенхогел, кој вели дека “… Русија и Кина го претворија БРИКС во антизападен проект чија цел е да се скрши хегемонијата на западните земји во сегашниот глобален поредок и доминацијата на американскиот долар во глобалната економија”… Со други шанси БРИКС+ , веројатно е да продолжи со демократска дегенарација, и да се развива како клуб на претежно автократски режими. Се слагам целосно со наодите на Oптенхогел: ….” ваквиот развој не нуди ништо на патот на напредокот за луѓето во светот во смисла на нивен развој; и поверојатно е дека ќе резултира со враќање на таков вид на политика меѓу големите сили – карактеристичен за 19 век. Мултиполарниот свет на Владимир Путин, и Си Џинпинг, формулира неоимперијалистички тврдења за самодефинирање на сфери на интерес. Но, тоа не подлежи на никакви правила и е всушност спротивно на мултилатералниот свет во кој сите играат по исти правила. Ова разбирање на мултиполарноста го елиминира поредокот заснован на правила, заменувајќи ја силата на законот со законот на најсилните. И на секој автократски лидер му се гарантира одврзана рака во сопствената земја”…

Па мили мои, зарем има уште такви меѓу нас кои сакаат да се ре-автократизираат после 10 години искуство на груевизам?

Да, ене ги на телевизија, на радио, на конференции, на сите медиуми…

Нив сакам да им порачам дека нашата земја, ниту географски, ниту вредносно, па ако сакате веќе, ниту енергетски не им припаѓа на бриксовците, колку и да тие се обидуваат тука да дeјствуваат преку вас, како верни спијачи и инсталации, и преку дезинформации; преку некои од партиите, манулачите, дури и верските великодостојници.

Прогресот не сака автократија! А граѓаните сакаат прогрес и извесност. Следствено, Македонија не сака во BRICS.

И да Ве потсетам, земјата наша е во статус на започнати но, поради таквите како вас, закочени преговори и земјата е несомнено дел од Европската Политичка Унија (лансирана во 2022). Мaкедонија, значи, веќе се качи на брзата трака на проширувањето, и сега многу е опасно да се симне од неа, додека траката врти.

Сите ние овде, во таа смисла, имаме јавна, државна и морална должност да продолжиме да ја негуваме “стратешката интимност” (Андор) со ЕУ и со САД, т.е со евроатланската и пред се МИРОВНА И ДЕМОКРАТСКА ПЛАТФОРМА, затоа што спротивното би значело – way to nowhere. Релативизацијата на парадигмата, пак, за паралелното продлабочување и проширување (depending – enlargement) што се почесто доаѓа од опозициските пунктови, во никој случај не треба да се зема за сериозно, од едноставна причина што и двата процеси се во реален тек.

Конечно, “јастребите” на Мицкота, изгледа сето ова го сфатија на време. Но, времето дојде сега и самиот Мицко да ги сфати “јастребите”.

Затоа што тие другите дуваат во погрешната фрула.

Ана Чупеска

 

Back to top button
Close