Полицајците денеска излегуваат на протест, бараат повисоки плати
Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска ќе излезе на протест на кој ќе бараат да се почитува Законот за минимална плата и судските постапки да се спроведуваат во законски предвидените рокови.
Протестот е закажан да се одржи пред судовите во Скопје, на крстосницата кај „Мавровка“.
Од Независниот синдикат велат дека поддршка ќе имаат и од нивните колеги од полициските синдикати од Република Црна Гора и Република Србија.
„Утре е денот кој го поздравија и поддржаа речиси сите балкански полициски синдикати, освен нашите таканаречени, кои не собраа храброст ниту да го споделат повикот за протест. Утре е денот кога синдикалци од Црна гора и Србија ќе патуваат по неколку часа да застанат рамо до рамо со нашите колеги и да дадат поддршка, а нашите ‘синдикалци’ ќе се кријат по канцелариите од колегите на кои од утре ќе треба да им објаснат зошто постојат и зошто не се одзваа на поканата“, се вели во повикот за протест објавен на фејсбук-страницата на НСП.