Полицајците во затворот во Штип не соработувале со осуденик, реагира Синдикатот

Група вработени во затворот во Штип, членови на синдикалната организација на УПОЗ, денеска реагираа на прес-конференцијата на директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов, на која обвини дека затворски полицајци му помагале на затвореник да ја најде фрлената дрога во дворот на затворот.

Во реакцијата се вели дека директорот прикажал слика која не кореспондира со реалноста и преземените службени дејствија на овластените службени лица и дека во ниту еден момент нема простор за сомнеж дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на своите работни задачи и соработувал со осуденото лице.

– Advertisements –

Вработените велат дека вистината е сосема поразлична од таа што е пласирана на ироничен начин.

„Како вработени во установата во целост ја негираме ваквата лошо составена приказна која се пласираше на ироничен начин и со цинизам во јавноста, одговорно тврдиме дека вистината е сосема поразлична и постапувањето во однос на пронаоѓањето на сомнителни предмети фрлени од страна на лицата кои дојдоа до затворот во овој настан преку безбедносниот ѕид беше во правец на тоа да го пронајдеме она што е фрлено и доколку има било што недозволено да го одземеме и да пријавиме во СВР-Штип“, стои во реакцијата на УПОЗ.

Во текот на ноќните часови потрагата заврши без успех, додаваат во реакцијата, но во текот на утринските часови со самото разденување повторно е направен обид да се пронајдат предметите при што успешно е пронајдена најлонска кеса, во која е пронајдена и сомнителната прашеста и тревеста материја.

Вработените велат дека по пронаоѓањето биле преземени сите оперативно-протоколарни дејствија, бил известен директорот на установата, а настанот бил пријавен во полиција при што инспектори од СВР-Штип и крим-полиција пристигнале во затворот и пронајдената кеса е предадена за понатамошно постапување.

„Целото постапување и преземените конкретни чекори е содржан во самиот дневен извештај на затворската полиција, а со сигурност го има и во полицискиот билтен од СВР Штип. Во ниту еден момент нема простор за сомнеж дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на своите работни задачи и соработувал со осуденото лице во негова полза како што беше споменато на прес-конференцијата од страна на директорите“, стои во реакцијата.

Инаку, Пандов информираше за случај во кој топка во која имало ставено 35 грама бела прашеста материја, најверојатно кокаин, и 50 грама марихуана била фрлена во дворот на затворот во Штип, а во инцидентот во кој затвореник ја барал дрогата биле вклучени и затворски полицајци.

Пандов рече дека возило ги поминало двете капии на затворот, а не било запишано од затворскиот полицаец, а потоа совозачот во дворот ја фрлил топката и заминале. Според кажувањето на Пандов, затвореникот рекол дека во тревникот го бара часовникот што му го земала кучката Цеца.

Back to top button
Close