Полицаец пријавен за шпионажа – тајни од МВР завршиле во казино

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против полицискиот службеник З.С. од Полициската станица за општа надлежност Тетово. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализираното одделение за дела сторени од лица со полициски овластувања.

З.С. се сомничи дека во текот на 2023 и 2024 година сторил кривично дело „оддавање на службена тајна“, предвидено и казниво по член 360 став 1 од Кривичниот законик. Тој, како полициски службеник, прибавувал доверливи информации со увид во дневните билтени на МВР и анекс плановите за координирани контроли во казина и угостителски објекти, спроведувани од СВР Тетово, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.

Прибраните информации, кои претставуваат службена тајна, пријавениот им ги доставувал на физичко лице вработено во едно казино. Обвинителството ќе постапува понатаму по пријавата

Back to top button
Close