Полицијата ги бара тројцата што го оштетија клубот„Цар Борис Трети“

Полицијата е фокусирана на пронаоѓање на сторителите, кои го извршиле оштетувањето на стаклото од излогот на седиштето на Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ во Охрид, по што ќе поднесе соодветна пријава, изјави за МИА портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Тој посочи дека остануваат на вчерашното соопштение дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на седиштето на здружението, лоцирано на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид и оти по пронаоѓање на сторителите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Оштетувањето на стаклото и дел од светлечката реклама на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, кое било направено со тврд предмет, во полицијата е пријавено вчера во 2 часот и 5 минути.

Бугарски медиуми објавија видео на кое се гледа како три маскирани лица фрлаат со тврди предмети кон излогот на клубот. На ова негово второ оштетување по отворањето, вчера со осуда реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи.

Back to top button
Close