Полицијата интервенирала во расправија, а пронашла дрога во стан– притвор за едно лице 

Триесет и осумгодишен тетовец вчера бил приведен и му е одредена мерка притвор откако при претрес на стан во Скопје, каде престојувал непријавен, полицијата пронашла дрога, односно метилен-диоксиметамфетамин.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителсво Скопје донел наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот кој се товари за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 став е Кривичниот законик (КЗ).

За ова делот според ставот 1 од овој член на КЗ, е предвидена затворска казна од три до 10 години.

Инаку, според краткиот опис на случајот од страна на Обвинителството, полицијата во станот на улицата „Миле Поп Јорданов“, каде осомничениот престојувал со неговата девојка, првично не отишла за да бара дрога, туку интервенирала по пријава за нарушен јавен ред и мир.

Откако констатирале прекршок поради расправија на тетовецот со таткото на девојката, таа на полициските службеници им предочила дека осомничениот поседува некаков вид на недозволени суспстанци кои ги чува во нивниот дом.

„Како непосреден држател на станот таа дала согласност службени лица да влезат во домот и да извршат претрес, при што биле пронајдени 501 таблета метилен-диоксиметамфтамин, стимуланс на централниот нервен систем, спакувана во една поголема најлонска кеса“,се наведува во соопштението на Обвинителството.

Поради опасност од бегство, можно попречување на истрагата и повторување на кривичното дело, на предлог на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му одредил мерка притвор од 30 дена.

Back to top button
Close