Полицијата казни учесник во протестот во Љубојно поради попречување на патот: Шести ден од блокадите против масовната сеча

Жителите на преспанското село Љубојно шести ден одржуваат протести и блокади на локацијата над селото на која е извршено масовно и прекумерно сечење на шумата.

„75 години никој нема чепнато ниту едно дрво, а сега некој сака да ја уништи цела планина за неколку дена! Загрозена е водата на цело село, при поголем дожд ќе се контаминира резервоарот! Ќе се зголеми ерозијата на земјиштето, ќе се поплави цело село!“, велат жителите.

Жители кои ја контактирале редакцијата на „Фокус“ откриле дека за време на протестот еден од учесниците добил казна од полицијата за наводно попречување на патот.

„За време на протестот беше изречена казна од страна на полицијата кон еден од учесниците, поради наводно попречување на патот. Според законот, доколку протестот е претходно најавен и полицијата е официјално известена, вакви казни не смеат да се изрекуваат. Ова остава простор за сомнеж во евентуална злоупотреба и неоправдано санкционирање на граѓаните кои мирно протестираат“, велат жителите.

Жителите предупредуваат дека селото се соочува со еколошка и инфраструктурна катастрофа поради масовната сеча.Откако започнаа протестите на 12 август, сечата е запрена. Сепак, од Владата реагираат дека сè се изведува по закон.

„Испочитувани се законската процедура и контролите со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови“, велат од Владата.

Според нив, за сечата е ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, а работите се вршат под стручен надзор на ЈП „Национални шуми“. Дрвата, како што информираат, се наменети за снабдување на локалното население со огревно дрво. (fokus.mk)

 

Back to top button
Close