Политичари од ВМРО-СДСМ ослободете се од злобата кон Арачиново

Дритон Небиу

Сте биле некогаш во Арачиново? Ако сте биле знаете дека митот дека Арачиново е најопасното место во државата не е точен. Ако не сте биле дали е поради стравот дека нешто ќе Ви се случи ако дојдете тука?

Со целокупниот свој имот, оставен од мојот покоен татко, со нотарски заверена изјава Ви гарантирам дека никој од овие мирни луѓе кои живеат во Арачиново не само што нема да Ве повреди, туку ќе Ви го даде најголемото гостопримство кое било каде сте го имале.

Лично со својот имот Ви гарантирам, лично со мене можете да се прошетате по најтесните и неасфалтирани улици на Арачиново да видите дека тука не живеат криминалци, туку луѓе кои сите претходни власти ги заборавиле во последните 20 години.

Нема повеќе да дозволам Арачиново да се третира како црна овца во државата. Која и да власт е неспособна да се справи со криминалот – одма го вперува прстот кон Арачиново. Доста ни е од чудни погледи кога некому ќе му кажеш дека си од Арачиново. Доста ни е од тоа дека секој арачиновец е наоружан. Доста ни е од тоа дека сите арачиновци сме дилери.

Кај нас имате доктори на науки, лекари, инженери, магистри… Имаме ние интелигенција. Но, на некој му требало дежурен кривец и најлесно им било тоа да е Арачиново.

Не дозволувајте да ви раскажуваат нечесни политичари и злобници за Арачиново. Ме имате мене пишете ми да бидете мои гости. Дојдете да се уверите како овде се живее. Вратете се назад кон вашите канализацирани и асфалтирани населени места и кажете си во себе – Арачиново има срце и душа.

Објавено во фронтал.мк

Back to top button
Close