Политичарите главни медиумски фаци
Пред некој ден гледав вести на Хрватската државна телевизија. Во вкупното времетраење на вестите од 30 минути, премиерот Андреј Пленковиќ беше спомнат само еднаш. Беше цитиран негов Фејсбук статус од две реченици по повод постигнатиот царински договор меѓу ЕУ и САД. Што е сосема легитимна новинарска вест.
А што се случува кај нас во нашиот медиумски простор? Премиерот Христијан Мицкоски е главен во централните вести на телевизиите. Неговите изјави се цитираат во сите можни теми – претстојните избори, пожарите, судството, опозицијата, дипломатијата, бараните уставни измени, односите со Бугарија, инвестициите, кандидати за градоначалници. Преостанува да го прашаме уште за кујнски рецепти па ако одговори и тоа ќе биде главна вест во централните информативни емисии.
Овој маѓепсан круг доведува до тоа премиерот кој е во моментов предводник на Владата и со тоа најмоќна личност во државата, повеќе да се стреми кон јавни настапи и измислени настани на кои го чека чета новинари спремни да го забележат секој негов збор, отколку да ја врши својата премиерска должност. Медиумите пак, знаејќи дека премиерот е тука за нив и дека ќе им ги пополни вестите го прават релевантен секој негов збор. Согласно со функцијата што ја извршува на де факто прв човек во државата, од зборовите на премиерот, зависи речиси сѐ и оттука трката да се пренесат неговите ставови. Но таа игра, во држави со ниска демократска култура и политичка недоследност е прилика за манипулација на јавното мислење. И тоа е веќе видливо а првата жртва на оваа операција се замрените преговори за членство во ЕУ кои со помош на ТВ минутажите што ги доби премиерот се прикажани како фатални за Северна Македонија.
Високо на медиумските агенди
И партиските соопштенија станаа главна храна за медиумите и креатор на јавното мислење. На телевизиите секоја вечер слушаме кој кому што рекол, ВМРО-ДПМНЕ за СДСМ дека биле влада на нарко картел, СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ дека се заштитници на криминал и така во недоглед. Албанските партии до скоро не беа толку завојувани да си разменуваат соопштенија со најгруба содржина, сега и тие почнаа. Слушајќи ги што си пишуваат едни на други човек помислува дека се тоа штабови на организирани мафијашки друштва а не политички партии кои ја водат Северна Македонија во 21 век.
Но, медиумските стандарди велат дека не може да се важни партиски соопштенија кои излегуваат од штабовите по 20 пати на ден. Во денови од викендот кога партиите сметаат дека медиумскиот простор е празен и тоа им е шанса да го пополнат, понекогаш стигнуваат соопштенија и на секои десет минути.
Релевантноста и јавниот интерес се одамна изгубена категорија штом партиските писанија и бесмислени прес-конференции се искачија високо на медиумските агенди. А дека се високо говори фактот што за нив се наоѓа место во централните информативни изданија како да се нешто што ако јавноста не го дознае ќе остане неинформирана за важни работи. Меѓутоа дали е важно како ВМРО-ДПМНЕ ја нарекла СДСМ? Или дали е важно што СДСМ го нарекува премиерот „Мицко“ или ВМРО-ДПМНЕ го нарекува Венко Филипче второто јас на Зоран Заев? Кому му е гајле за тоа, освен на партиските штабови кои ги пуштаат соопштенијата колку да штиклираат дека ја исполниле дневната норма?
Заборавена релевантност
Од друга страна нема ниту една сторија за младите кои ги изгубија животите во пожарот во Кочани, што правеле во животот, дали студирале, дали работеле, какви планови имале, кои животни соништа им се прекинати, за нивните семејства и како се справуваат со ужасната загуба. Политиката успеа да ја киднапира и оваа тема која се сведе на тоа кој е обвинет, дали требало да биде обвинет, кој бил на протести и што рекол, кој е „лешинар“ и кој сака политички да профитира од трагедијата. Теми, кои што смислено ги пласираше владиниот врв за да ја замати одговорноста. Изостана и анализа за тоа како здравствениот систем одговори на оваа трагедија, и какви поуки се извлечени пред сѐ за ургентни и масовни трагедии, кои можат да послужат за натамошно подобрување на здравствениот систем.
Во анализа посветена на медиумскиот пејсаж во Србија, германскиот новинар ветеран и известувач за Југоисточна Европа Томас Брај вели дека полицијата секојдневно пласира во медиумите вести за криминал со цел да го величаат Вучиќ како неприкосновен борец против криминалот, а истовремено да ги потиснуваат темите кои се од вистинска важност и кои може да ја доведат во прашање способноста на власта. Ние сме можеби сѐ уште далеку од такви паралели но сосема сигурно се движиме во тој правец.
Фактот што политичарите станаа главни медиумски фаци е само показател дека политичката, демократската и медиумската култура не се на нивото кое може да гарантира заштита на граѓаните и на јавниот интерес. Нагласеното присуство на премиерот во централните телевизиски вести е исто така загрижувачки тренд кој не говори добро за правецот во кој се движи државата. Сѐ додека траат таквите состојби не можеме да кажеме ниту дека новинарството ги исполнува своите примарни цели на заштитник на демократијата. Тоа е вистината, колку и да боли.
Соња Крамарска